Крпете дупки, не кревајте споменици

21:00 | 03.03.2010 | Автор: Петре Ристовски

Илјадници деца ги носиме дури во Влае и Карпош 4 во градинка, а златна градинка ни стои пред нас и никој во неа 4 години не вложил ниту денар, едноставно пропаѓа. Со вакви жалби, граѓаните на скопската населба Даме Груев вчера го пречекаа поранешниот претседател на државата и актуелен лидер на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски. Тој ги ислуша проблемите на жителите и напомена дека за да проработи градинката се потребни само 120.000 евра, пари што моментно ненаменски се трошат за статуи и музеи.
- Талкаме насекаде по градинка, а властите сметаат дека тоа што почнала да го гради СДСМ, тие не се задолжени да го завршат. Тогаш нека го направат овој објект старечки дом и така веќе остаревме чекајќи, па барем старците да се собираат ако не можат децата - рече револтирано Дафинка Димишковска, жителка на населбата.
Црвенковски при вчерашната средба со граѓаните ги посети и жителите на приградската населба Кисела Јабука каде што ги виде нивните проблеми со раскопаните улици, почнати и незавршени, но има местата каде што и во 21
век нема канализација.
- Граѓаните ми ги кажаа најголемите проблеми, но проблеми нема само овде, туку и во Кисела Вода, Бутел, Чаир и другите населби. Скопје не е само плоштадот, а клучното во лошото водење на државата е промената на приоритетите. Не требаат во вакви моменти споменици и музеи, туку помош за стотици семејства за нивните основни потреби - рече претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Тој посочи оти е убеден дека пари во Буџетот за овие најнеопходни зафати има.