» Најкоментирани од последната недела:
Македонија оди во рикверц
Корупцијата, партизираноста на јавната администрација, притисоците врз судството, човековите права, неповолната бизнис-клима и недостигот од странски инвестиции се само дел од критиките кои Брисел и ги упати на владата.
Македонија назадувала во реформите во многу области, е завчерашниот заклучок од Европската комисија во Брисел. - Во почетокот на оваа година имаше загриженост поради намалувањето на интензитетот на реформскиот процес. Затоа употребивме повеќе рамковни решенија, искрен и отворен дијалог со нашите пријатели и колеги и ги идентификувавме клучните области и чекори кои во нив треба да бидат преземени - изјави комесарот за проширување на Европската комисија Штефан Филе. Корупцијата, партизираноста на јавната администрација, притисоците врз судството, човековите права, неповолната бизнис-клима и недостигот од странски инвестиции се само дел од критиките кои Брисел и ги упати на владата. Радмила Шеќеринска, претседателка на Советот за евроинтеграции, за Дојче веле вели дека Советот за стабилизација и асоцијација ни ги соопшти пораките кои и досега стопати сме ги чуле. - Она што е интересно е што по некоја година повторно на голема врата се враќа барањето за борба против корупцијата и се инсистира тоа да биде непартиско - изјавила Шеќеринска. Таа и забележува на владата за политиката на препишување на европското законодавство без притоа таквата регулатива да се реализира во пракса. - Законите на некој начин брзо се препишуваат, меѓутоа подзаконските акти, на кои Европската комисија уште повеќе инсистира, речиси и да се заборавени. За првата половина од годината, дури ни 25 проценти од подзаконските акти, предвидени за 2010, не се усвоени - заклучува претседателката на Советот за евроинтеграции. Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски истакна дека на завчерашниот состанок во Брисел ја изложиле македонската позиција дека Македонија останува посветена со добра волја и намера да ги продолжи разговорите во македонско-грчкиот дијалог за надминување на спорот, што поскоро се надмине ова ирационално билатерално прашање, толку подобро ќе биде и за двете земји и за целиот регион да може таа енергија да ја искористи продуктивно во рамките на европските интеграции. - Решавањето на македонско-грчкиот спор не го ограничуваат рокови, туку го ограничува најчесто недостигот од политичка волја и прагматизам или инсистирање на одредени ирационални позиции кои се тешко разбирливи во 21 век - рече Милошоски.


