Македонија преку Русија им покажува заби на НАТО и на ЕУ!

10:00 | 27.08.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Македонија игра двојна игра или дефинитивно скршнува од интегративниот пат кон евроатлантските институции и своите погледи ги вперува кон Истокот, пред се, кон Русија, предупредуваат експертите во врска со најавата дека земјава набрзо ќе потпише договор за пријателство и соработка со Русија, која доаѓа во пресрет на есенскиот самит на НАТО и годишниот извештај на Европската унија (ЕУ) Македонија. Ова е епилогот од патешествијата на македонскиот државен врв низ Северна Африка, Јужна Америка, Блискиот и Далечниот Исток, остварувајќи учества на форуми и состаноци во Кина, Бразил, Мароко и во Катар. Филип Петровски, магистер по меѓународни односи и прв генерален конзул на Македонија во Њујорк, во оваа државна тенденција гледа смислена и организирана државна стратегија за скршнување од евроатлантскиот курс на земјата и свртување кон Исток.
- Македонија им покажува заби на НАТО и на ЕУ, а тоа македонските граѓани скапо ќе го платат. Земјава се конфронтира со ЕУ, се конфронтира со НАТО, а развива и негува добри односи со земји низ светот, кои немаат никакво стратегиско значење за нас - дециден е Петровски. За разлика од него, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека македонската дипломатија е неорганизирана и дволична. Како што нагласува тој, земјава нема концизна стратегија и програма во делот на надворешната политика, па се однесува панично - шара де ваму, де таму. - Македонија праќа чудна порака до ЕУ и НАТО дека има алтернатива, но тоа не се аматерски организации, па да не ја препознаат нашата детска игра. Сепак, Македонија, освен евроатлантската агенда, други опции нема, поради внатрешните политички констелации во земјава, меѓу кои прашањето на Албанците, кои не би прифатиле антиевропска или проруска политика и би побарале други решенија - вели Муслиу, додавајќи дека анимозитетот меѓу НАТО и Русија, претходно Советскиот Сојуз, води корени одамна, па сите пријатели на Русија се непријатели на НАТО. Пратеникот Стојан Андов, пак, нагласува дека никој нема право да го менува стратегиски зацртаниот курс во кој Македонија се движи од почетокот на 90-тите години на минатиот век. Според него, македонскиот државен врв тактизира во Западот, со цел да порача дека има резервна опција доколку продолжат уцените и притисоците врз земјава за пронаоѓање компромисно решение за спорот за името со соседна Грција. Имено, завчера провладините медиуми бомбастично го пренесоа интервјуто на Дарко Костадиновски, државен советник за надворешна политика на претседателот Ѓорге Иванов, за МИА дека поради своите добри односи постои голема можност рускиот претседател Димитриј Медведев во најскоро време и да ја посети Македонија. Но, познавачите на домашните и на меѓународните политички случувања порачуваат Македонија да се држи на пристојна дистанца од Русија, освен во делот на економската соработка.