» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Македонските ренџери на талибански терен!
Откако македонските ренџери, кои се дел од наменските сили „Феникс“ во рамките на меѓународната мисијата во Авганистан ИСАФ, пред десетина дена го прославија 18-от роденден на жешкото авганистанско тло, се преселија во област Пактија, која важи за упориште на Талибанците.
09:00 | 02.09.2010 | Автор: Влатко Стојановски
Македонските ренџери, специјалната единица во рамките на АРМ кои се на служба во Авганистан од областа Пактика, се преселија во опасната провинција Пактија, која се наоѓа веднаш до нестабилната граница со Пакистан. Новиот дом на македонските ренџери, кој изобилува со извори на гас и храна, претставува точка на судир на интересите на официјалните авганистански власти на чело со Хамид Карзаи и локалните талибански команданти, кои засега ја имаат надмоќта врз теренот, ограничувајќи го опсегот на дејствување на прозападниот режим на авганистанскиот претседател. - Седумдесет и деветте припадници на АРМ се дел од наменските сили „Феникс“, во рамките на мисијата ИСАФ. Тие имаат обучувачка мисија, заедно со припадници на „Националната гарда на Вермонт“, односно ја обучуваат авганистанската армија, но обезбедуваат и ВИП-личности. Нивното преместување од една локација на друга е честа практика и тоа се случува во рамките на одговорностите и задачите на единицата - вели Мирче Ѓоргоновски, портпарол на Генералштабот на АРМ. Оваа преселба на армиските специјалци, кои ја претставуваат Македонија во меѓународната воена сила во Авганистан предводена од НАТО, следи веднаш откако „ренџерите“ го прославија 18-от роденден пред десетина дена во авганистанската оперативна база „Схарана“, каде што им се придружиле американски колеги од работната група „Ирон Раккасан“, со кои заедно минаа неколку месеци рамо до рамо на жешкото авганистанско тло. - За време на прославата, војниците од двете земји си разменија искуства и впечатоци од последните 6 месеци од мисијата, со цел да го зацврстат меѓусебното пријателство и партнерство - рече американскиот поручник Пик од сојузната држава Тенеси, според кого, ова пријателство ќе продолжи откако американските и македонските специјалци ќе се разделат, бидејќи за разлика од „ренџерите, американските војници одат во областа „Еаст Гхазни“.
Командантот на македонските ренџери, Борче Тутуров, кој доби специјална плакета за благодарност од американскиот полковник Дејвид Фајвкоут, заради „посветеноста и придонесот на македонските ренџери во успешната мисијата“, изрази големо задоволство од соработката со американските војници и истакна дека македонските војници и понатаму ќе ги поддржуваат меѓународните воени сили во Авганистан. Освен него, на роденденот на АРМ беа унапредени петмина македонски ренџери и еден припадник од гардата на Вермонт.
Иако, буџетот за ресорот одбрана континуирано се намалува со последните неколку ребаланси, особено по самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, кога земјава не ја доби очекуваната покана за влез во Алијансата, се чини дека тоа не влијае врз моралот и професионалноста на македонските војници во меѓународните мисии да ја претстават Македонија во најдобро светло.


