» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Маневски требало да дума пред да ја суспендира Дума
Изгледа дека суспензијата на судијката на Апелацискиот суд нема да мине евтино, бидејќи Хелсиншкиот комитет ќе го испитува случајот
21:15 | 12.03.2010 | Автор: Влатко Стојановски
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе го испитува случајот на Виолета Дума, судијка на Апелациониот суд во Скопје, која Републичкиот судски совет ја суспендира по иницијатива на министерот за правда Михајло Маневски.
Дума вчера не отиде на работа, иако се уште не го добила решението за нејзиното суспендирање. Таа тврди дека освен политичката заднина на овој потег, постои и формална пречка за суспензијата, бидејќи според законот, рокот за поднесување на претставката од една година изминал летоска. Претседателот на РСС, Васил Грчев изјави дека овој рок не важи ако има сомнежи за несовесно и нестручно работење. Според процедурата, суспендираната судијка треба да биде повикана во Судскиот совет, за да ги каже своите аргументи, поради кои и се заканува разрешување.
Судијката Виолета Дума не е виновна во случајот поради кој е суспендирана, бидејќи не е нејзина работа да го одредува идентитетот на обвинетиот, туку тоа е обврска на првостепениот суд. Вака експертите од правната област ја оценија суспензијата поради тоа што Кривичниот совет, со кој таа претседава, осудил турски државјанин под лажно име за меѓународен шверц на мигранти.
Како што посочува професорот по право, Осман Кадриу, член на првиот состав на Судскиот совет, во минатото имало случаи да се води претрес за мртов човек. Обвинетите често го „позајмувале“ идентитетот од починати лица. Сепак, Кадриу истакнува дека доколку Апелација има укажувања оти лицето што се суди не постои, треба да ја прекине постапката.
Професор Кадриу предупредува на внимателност во овој случај, бидејќи не ја исклучува политичката заднина, која паѓа во очи.
Од 15 члена на Судскиот совет, деветмина гласале судијката Дума да биде суспендирана. Министерот за правда, кој ја покрена иницијативата, тврди дека тоа нема никаква врска со случајот на Владо Бучковски. ВМРО-ДПМНЕ вчера не сакаше да го коментира овој случај, но СДСМ тврди дека станува збор за типичен пример за груб притисок врз судството што се случува изминативе години.
- Лицемерно е кога се расправа за отстранување на министерот за правда од Судскиот совет, тој да покренува иницијатива за суспензија на судија - велат од СДСМ.
Дума: Маневски ми се одмаздува
Судијката Дума тврди дека одлуката на Судскиот совет е неоправдана, незаконска и тенденциозна, предизвикана од желба за одмазда и самозадоволување на министерот Маневски. Таа јавно изјави дека суспензијата е „најмалата казна“ што можела да ја добие, бидејќи како возач на автомобил можела да помине и полошо.


