Милошоски: Името табу-тема во Грција

Мислам дека овие грчки табуа се наследство од Студената војна и денес се провлекуваат како еден товар на грчките политичари, кои во еден добар дел станаа заложници на грчката националистичка политика по ова прашање што беше произведена во 1991-1992 година, вели Милошоски.

09:00 | 06.09.2010 | Автор: Шпиц

Грција реторички изјавува дека се преговара само за спорот што таа го има со нашето уставно име, но во суштина и во практичните разговори се забележува дека во Грција, самиот македонски идентитет, постоењето на Република Македонија, нашето уставно име, прашањата за постоење или непостоење малцинства, се една табу-тема што го оптоварува грчкото современо општество.
Ова го изјавил македонскиот шеф на дипломатијата, министерот Антонио Милошоски во неделното интервју на Радио слободна Европа. - Мислам дека овие грчки табуа се наследство од Студената војна и денес се провлекуваат како еден товар на грчките политичари, кои во еден добар дел станаа заложници на грчката националистичка политика по ова прашање што беше произведена во 1991-1992 година. Но, во секој случај имаме одредени практични проблеми што ни се создаваат по однос на ова прашање и самите можете да процените до каде се оди со развлекувањето на овој проблем - посочил Милошоски. Во врска со евентуалните додавки Вардар или Вардарска, тој вели дека тоа се најчесто шпекулации од грчки извори, од грчки медиуми. - Премногу често во грчките кругови се прават обиди да се наметнуваат или да се промовираат одредени решенија што имаат грчки дизајн за македонското национално име, но во секој случај за нас е мошне важно во ова прашање да се согледа реалноста, тоа е Република Македонија, постоењето на македонскиот народ и достоинството на македонските граѓани, кои на крајот преку референдум би имале активно учество во решавањето на ова билатерално спорно прашање - истакнал шефот на македонската дипломатија. На прашањето кој е ставот на Македонија за српската резолуција за Косово, која идната недела ќе се разгледува во Обединетите нации, Милошоски рекол дека Македонија се води од три постулати по однос на ова прашање. Првиот е дека Македонија има воспоставено дипломатски односи со Приштина, исто како што имаме дипломатски односи со Белград. Вториот дел е тоа што признавањето на Косово го имавме заедно во координација како чекор со Црна Гора и сега, исто така, имаме координација по однос на нацрт-резолуцијата на Србија, и третиот е мислењето на Меѓународниот суд во Хаг. - Сиве овие параметри ни се помагатели за процена како ќе гласаме и сметам дека според нив не би требало да се очекува Македонија да ја поддржи нацрт-резолуцијата на Србија, затоа што таа не ја апсолвира реалноста која произлегува од овие претходни параметри и во тој контекст сметам дека со заедничка координација со Црна Гора ќе имаме една заедничка позиција во Њујорк - заклучил Милошоски.

Тагови (карактеристични поими за веста):
|