» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Мртовци пливаат во Охридско Езеро
Деновиве се закопани четворица починати пештанци, кои поради надојденото езеро буквално пливаат во вода
21:15 | 10.03.2010 | Автор: Влатко Стојановски
Гробиштата долж охридско крајбрежје пливаат во вода, која доаѓа од надојденото Охридско Езеро, реагираат жителите од Пештани, кои се плашат дека пијат загадена вода, поради тоа што таа се измешала со остатоците од гробовите.
Една пензионерка од селото Пештани, пак, ни изјави дека деновиве се закопани четворица починати пештанци, кои поради надојденото езеро буквално пливаат во вода.
- Копаа дупка, но успеаја само до половина метар бидејќи многу вода ги спречи луѓето да копаат подлабоко. Видоа - не видоа, го фрлија трупот во вода и го закопаа - сведочи нашиот соговорник.
Инаку, селото Пештани и регионот пливаат во вода. Како што ни покажа месното население, на најголем дел од нив веќе три месеци подрумите им се полни со вода, која како чума се шири кон собите по куќите.
- Ситуацијата ни е многу тешка и лоша, па за една недела очекуваме водата од подрумите да се качи по домовите. Никако не ни одговара дождот, но доколку времето се стопли, ќе надојде вода од планините - револтирано изјави еден средовечен пештанец со поплавен подрум.
Имено, според него, грешката е направена кога Црн Дрим бил запрен поради поплавите во Албанија. На тој начин, како што објаснува тој, водата се вратила во езерото од каде што, пак, влегла во домовите на жителите покрај Охридско Езеро.
Во посета на несреќните пештанци, вчера беше лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Откако негираше дека неговото доаѓање има политичка заднина, тој изјави дека местото ќе се соочи со еколошка катастрофа доколку централната власт и локалната самоуправа не најдат заеднички јазик за излез од кризата.
- Главната причина за актуелните случувања во регионот на Охрид и Струга лежат во неодговорноста и неажурноста на првиот човек на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски. Овие луѓе не можат сами да се справат со својата неволја. Потребна е координирана помош, пред се, на државата заедно со локалната самоуправа, за да се види што треба веднаш да се стори за да се намали ризикот од уште поголеми штети, како и од најголемата опасност, односно ризикот од прелевање и мешање на водите и појава на зарази. Ова е една од многуте причини владата да си поднесе оставка - категоричен беше Бранко Црвенкоски.
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, пак, е на пат во Австралија, каде што ќе остане до 22 март. Овој потег на охридскиот татко предизвика негативни реакции од власта, која го нарече несовесен, неморален и неодговорен.
Охридската инфраструктура пред колапс
Надојденото Охридско Езеро сериозно се заканува по инфраструктурата долж охридско крајбрежје. Најзагрозен е регионалниот пат Охрид - Свети Наум, покрај кој минуваат оптички и телефонски кабли, како и цевководи.
Исто така, загрозен е колекторскиот систем на потегот од Елешец до Пештани. Според првичните процени, штетата изнесува околу милион евра.


