Нема македонска десница без Љубе и Љубчо

21:15 | 12.03.2010 | Автор: Петре Ристовски

Поранешниот полициски генерал мајор Стојанче Ангелов, специјално за „Шпиц“, на ден пред новото Генерално собрание на невладината „Достоинство“, ги предочува притисоците кои се вршат врз дел од бранителите кои во 2001 година гинеа за државата, ги коментира најавите за окрупнување на десницата и зборува за можноста „Достоинство“ да се појави како политички фактор во Македонија.
Дали по распитот што во ноември лани ви го вршеа во МВР, има и други притисоци, дали се зголемуваат и што сакаат, според Вас, да постигнат институциите со тој притисок?
Притисоците се континуирани и најразлични. Целта им е кога веќе не можат да ме спречат да зборувам јавно, да го извалкаат моето име, да ме девалвираат во очите на бранителите и на јавноста. Но, притисоците не завршуваат кај мене, ги чувствуваме во сите структури на здружението. Потпретседателот на здружението, пилотот Зоран Велковски постојано е на удар, членови на локалните раководства на здружението и наши ударни членови во повеќе наврати се заплашувани, казнувани и прераспоредувани во други градови.

Во овие напади и закани упатени кон членовите на „Достоинство“, во неколку градови учествуваат и пратеници од ДПМНЕ. И тоа не би било толку страшно да не беше нашиот наследен македонски ропски менталитет. Верувајќи слепо во заблудата дека наведната глава сабја не ја сече, многу од засегнатите бранители се плашат јавно да истапат, да го кажат своето мислење, да го искажат своето незадоволство и револт. Се држат на страна, чекајќи некој друг наместо нив да ја заврши нивната работа. Но, со текот на времето, нашите редови се исчистија од колебливците, плашливците и од оние кои не се согласуваат со нашата политика, така што сега сме едно компактно, силно, цврсто здружение, кое ништо не може да го разбие.

Како гледате на најавите за окрупнување на македонската политичка десница?
- Дискутабилно е колку нашата декларирана политичка десница е навистина десница. Примерот со ДПМНЕ е најпластичен. Општо познато е дека повеќето членови на централното и на локалното раководство на ДПМНЕ потекнуваат од левицата или од политичкиот центар, ако така можеме да ја сметаме поранешната партија на Тупурковски. Мене ми изгледа цинично и иронично кога гледам како поранешни активисти на СДСМ и на ДА сега изигруваат тврда десница и на вистинските вмровци им држат лекции за патриотизам, се враќаат илјадници години наназад во времето кажувајќи ни бајки за античките војсководци, заборавајќи ги притоа оние кои пред само 9 години крвавеа за Македонија. Ги убедуваат граѓаните да имаат трето дете, а повеќето од нив уште не стигнале ни да се оженат, односно да се омажат.
Дали „Достоинство“ во иднина може да се јави како политички фактор на македонската политичка сцена?

- Единствена цел на „Достоинство“, од формирањето па се до денес, е да реши што поголем дел од проблемите на припадниците на безбедносните сили и на нивните семејства, но и да се избори за одредени посебни права предвидени со Уставот на државата. Ние сме подготвени да направиме се што е во наша моќ за реализација на оваа цел. Бидејќи веднаш станавме предмет на најразлични шпекулации, со цел да избегнеме политизација и валкање на здружението, одлучивме самите да изработиме предлог-закон во кој нудиме решенија за нашите проблеми и барања.
Во овие три години постоење ги „испукавме“ сите легални методи на дејствување, а нашиот најголем успех, покрај повлекувањето на тужбите против воените инвалиди и семејствата на загинатите, е запознавањето на македонските граѓани со негативниот однос на сите досегашни државни раководства кон проблемите и правата на бранителите.
В недела ќе одржите генерално собрание. Која е целта?
- Целта на ова собрание е да покажеме дека се уште сме силни и дека по ниедна цена нема да се откажеме од борбата за нашите права. На собранието ќе ги претставиме и плановите на „Достоинство“ за наредниот период и се надевам дека нашите членови кои секојдневно се изложени на најразлични притисоци, повторно ќе соберат храброст да се спротивстават на заплашувањата. Ги повикувам сите граѓани кои ја поддржуваат нашата праведна борба, в недела на 14 март, во 12 часот, да ни се придружат во Универзална сала во Скопје, на нашето отворено генерално собрание.