» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Од бања директно на Пулмологија
Пензионерката Марија Анчева од Скопје, која е сместена токму во тој дел каде што се жалат дека е студено, вели дека ходниците се премногу ладни
21:15 | 08.02.2010 | Автор: Ема Николовска
Од бања директно треба да одиме на Пулмологија, реагира првата група пензионери, кои веќе неколку дена ги користат поволностите од владата за седумдневна бесплатна бања во Катланово. Тие реагираат дека многу често им снемува струја, па поради тоа се оставени и без греење, а некои од нив веќе и се разболеле.
Екипата на „Шпиц“ вчера беше во Катлановска бања, по информацијата дека завчера било премногу ладно во собите, по што дел од нив се заканиле дека ќе ја напуштат бањата.
- Супер е, се е средено и не е ладно. Најмногу се жалеа дека е ладно во пензионерскиот дел, бидејќи таму има еден мост што ги поврзува новиот и стариот дел и кога поминуваат од бањата до собите се премрзнуваат - изјави Јорданка Нонева, пензионерка од Кратово.
Но, како што вели таа, сега се е во ред бидејќи пензионерите од тој дел ги префрлиле на четвртиот кат, во новиот дел, се додека не се поправи греењето во стариот дел.
Пензионерката Марија Анчева од Скопје, која е сместена токму во тој дел каде што се жалат дека е студено вели дека се ладни ходниците, но не и собите.
- Мене ми е потешко, затоа што имам проблеми со 'рбетот, па кога поминувам низ ходниците, се смрзнувам. Во собите е добро, но проблемот е како да го поминам тој ходник и да стигнам до собата - изјави Анчева.
Голем дел од пензионерите се жалат и дека често снемува струја, па додека се вклучат агрегатите, тогаш се тресат од студ.
- Синоќа ни снема струја и ни стана многу ладно, но во ред е сега бидејќи сите простории се повторно стоплени - раскажува Станка Спасовска, пензионерка од Куманово.
Директорката на Катлановска бања, Светлана Петровска, засегната од изјавите кои завчера беа објавени во медиумите, вели дека турбо се работи во делот кој ги поврзува двете згради и од кој пензионерите се жалат дека не можат да го одминат, а да не премрзнат.
- Веќе е надминат тој технички проблем, се работи на поставување електрична инсталација, како и грејни уреди, па се очекува уште денеска да биде се средено и повторно нормално да функционира и тој дел - објасни Петровска.


