Опозицијата се подели за деловникот

Координаторите на пратеничките групи вчера се договориле денеска да се гласаат измените на собранискиот деловник, кои предвидуваат опозицијата да предлага точка на дневен ред на секоја втора седница.

09:00 | 09.09.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Измените на деловникот на Собранието, кои предвидуваат опозицијата да предлага точка на дневен ред на секоја втора седница, ќе се гласаат на денешната пленарна седница - е договорот кој бил постигнат на вчерашната координација кај претседателот на законодавниот дом, Трајко Вељаноски. Но, координаторите на пратеничките групи не го отвориле болното прашање за формирање посебна комисија за контрола над трошењето на буџетските средства, кое во пресрет на годишниот извештај за напредок на земјава од Европската комисија беше причина за неколкумесечниот застој на институционалниот политички дијалог меѓу власта и опозицијата.
СДСМ очекува дека измените на новиот деловник ќе се усвојат откако лидерот Бранко Црвенковски минатата недела најави дека неговата партија се повлекува од своите барања во однос на деловникот и оти ќе го прифати во форма како што ќе го предложи владејачкото мнозинство. Сепак, другиот дел од опозицијата порачува дека нема да
гласа „ каков било деловник“. Пратениците од опозициската Нова демократија (НД) предупредија дека ќе гласаат против овој деловник бидејќи тој не ги опфаќа нивните амандмани за деловникот, пред се оние кои ја зацврстуваат употребата на албанскиот јазик и ја засилуваат функцијата потпретседател на Собранието. Според партијата на Имер Селмани, овој деловник е спротивен на амандманот 5 од Уставот, на Рамковниот договорот и на Законот за јазиците.
- Бараме записниците, стенограми и огласите во Собранието да бидат двојазични, како и потпретседателот Албанец да ги води пленарните седници на албански. Исто така, бараме зајакнување на неговиот кабинет од аспект на човечки ресурси – изјави вчера за „Шпиц“ Флора Кадриу, координаторка на пратеничката група на НД, истакнувајќи дека нивните барање имаат цел да воспостават демократски стандард за развој на парламентарната демократија.
Останува да видиме како во однос на новиот деловник ќе се постават и либералдемократите, кои посочуваат дека „предложениот деловник нема демократски капацитет“ и најавуваат дека „ќе се борат за деловник каков што и е потребен на Македонија“. Од друга страна, пак, Силвана Бонева, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за Радио Слободна Европа коментира дека сите барања од опозицијата во однос на деловникот биле земени предвид и станале составен дел на правилникот за работа на парламентот. Според неа, овој деловник е деловник на опозицијата. Имено, актуелниот деловник беше изгласан без консензус на седница пред две години, кога опозицијата го бојкотираше парламентот. Минатата година, премиерот Никола Груевски на лидерска средба презел обврска до 4 декември да донесе деловник во согласност со критериумите на Венецијанската комисија. Тоа не се случи, па СДСМ реши се до минатата недела да ги бојкотира собраниските координации.