Пациентите со ќотек против лекарите

Од Лекарската комора за тоа дознаваат преку анонимни повици од самите лекари

21:30 | 04.03.2010 | Автор: Шпиц

Четворица лекари се нападнати од пациенти во текот на оваа година, известуваат од Лекарската комора. Тие објаснуваат дека никој не дал официјален извештај за тоа што и како се случило. Од Лекарската комора за тоа дознаваат преку анонимни повици од самите лекари.
- Бараме да се донесе закон за докторска дејност, во кој ќе се наведат сите права и обврски што тој ги има кон пациентите. Сметаме и дека докторите треба да бидат заштитени како службени лица, со тоа што ќе биде казнет секој што ќе нападне лекар, а тоа би важело и за лекарите во јавното и за лекарите во приватното здравство - истакна Владимир Борозанов, директор на Лекарската комора.
Тој додава дека треба да се воведе редовен стручен надзор, во кој тие активно би учествувале, со што ќе се врши контрола на менаџерските тимови на болниците, на докторите како и на хигиенските услови.
- Моментално постои само вонреден стручен надзор, и тоа во случаи какви што беа со починатите родилки и со беровецот Душко Мамучевски, а лекарите кои се ставаат во тие посебно формирани тимови ги одбираат од Министерство за здравство - изјави Борозанов.
Доктор Мирјана Кочова од етички комитет при Лекарската комора вели дека ќе се залагаат да се почне со редовна контрола на болниците. Според неа, редовниот стручен надзор ќе помогне многу во подобрувањето на условите во здравствениот сектор.
Од Лекарската комора додаваат дека односите меѓу пациентите и лекарите се нарушени откако се воведе Законот за заштита на правата на пациентите на 15 јануари пред една година.