Паѓаат на градска и по 10 пати

Испитната комисија, која ја раководи кадар на владејачката македонска партија и која е составена од 14 члена, врши невиден терор врз кандидатите и со монополот сака да ги соголи граѓаните, притоа без вистинска причина буткајќи ги и по десетина пати, тврдат инструкторите.

09:00 | 01.09.2010 | Автор: Петре Ристовски

„Кандидатите за возачи имаат избор при полагањето на возачките испити, или да паднат или да не положат“. Со ваков сарказам вчера, сопственикот на една од првите автошколи, ексклузивно за „Шпиц“ го почна разговорот за работата на Комисијата од единствениот скопски испитен центар.
- Испитната комисија, која ја раководи кадар на владејачката македонска партија и која е составена од 14 члена, врши невиден терор врз кандидатите и со монополот сака да ги соголи граѓаните, притоа без вистинска причина буткајќи ги и по десетина пати. Членовите на комисијата често се безобразни со кандидатите и инструкторите, па се почести се вербалните и физичките инциденти. Поради тоа е истепан и еден од „најстрогите“ контролори Ацо Панов, а се уште свежи се сеќавањата и на инцидентот во кој гневен кандидат-возач со калашников влезе во испитниот центар - вели сопственикот на автошкола, кој инсистираше на анонимност поради тоа што се плаши од одмазда на членовите на комисијата кон неговите кандидати. Тој истакна дека најупорните кандидат-возачи градското возење го полагаат и по 10, 15, а има и кандидат кој полагал 18 пати. Според него, најчестите образложенија за буткање на кандидатите пред се во градското возење се некористење на трепкачите (иако за тоа треба да има казнени поени, а не директна елиминација), газење на полна линија (на коловози каде што таа одамна е избришана), ненадејно сопирање (иако доколку нема опасност по пешакот и не изгасне автомобилот, тоа според правилникот не е прекршок), како и безброј други „спорни“ ситуации што само комисијата ги измислила. Секое наредно преполагање кандидатот го чини 2.500 денари, а според инструкторите, криминал во Скопје се прави и со тоа што пред да се полагаат тестовите се уплаќаат околу 100 евра за сите три фази од возењето (тестови, полигон и градско возење), па доколку се падне на тестовите, парите пропаѓаат и кандидатите ќе треба одново да платат.
- Комисијата и по 40 минути ги вози кандидатите само за да им најдат грешка и просечно од 15 кандидати дневно, положуваат едвај тројца. Новопечените возачи одат без волја на полагање оти знаат дека колку и да се подготвени, неколкупати мора да преполагаат за Комисијата да им ги земе парите - вели сопственикот кој тврди дека секој член од „испитувачите“ има по 10 отсто од кандидат кој не положил. Тој потенцира дека за разлика од Скопје, во внатрешноста условите за полагање се поевтини и условите се подостапни за граѓаните, а обидот на „Автомакедонија“ и „Арди“ да ја зголемат конкуренцијата во овој бизнис, најверојатно ќе биде спречен од моќници блиски на сопственикот на монополот наречен Испитна комисија.