Писмото на новинарите во рацете на Фуле

Писмото од отпуштената новинарка вчера го добил и евроамбасадорот во Македонија, Ерван Фуере, кој се заинтересирал за случајот, а подоцна го препратил и до Штефан Фуле, евроамбасадор за проширување на ЕУ.

09:15 | 30.07.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Мартин Протоѓер, човекот од најголема доверба на премиерот Никола Груевски, и фамозниот вмровски центар за комуникации вршат упад во медиумите, се жалат дел од новинарите кои на своја кожа ги почувствувале последиците од тоа што одбиле да се покорат на директивите од кабинетот на премиерот на државата. Тие обвинуваат дека блиски соработници на премиерот им диктираат на дел од уредниците и новинарите која тема да ја наметнат во јавноста или, пак, им забрануваат што да објават. - Во редакцијата на Канал 5 на интерфон се слушани директиви на вашиот шеф Протоѓер. На вашите изјави се праќаат новинари со кои се договара кое прашање не смее да го постави, а ако некој новинар имал намера да постави прашање за неговата тема, директно од вашиот кабинет се интервенира до највисокиот врв на телевизијата, кој потоа му наложува на репортерот да не го постави прашањето - вчера напиша во второто отворено писмо до премиерот Груевски Весна Коваческа-Трпчевска, која по 10 -годишна работа во телевизија Канал 5, беше отпуштена заедно со уште 7 новинари поради „апстрактни причини“. Само еден ден претходно, од владата ги демантираа обвинувањата од новинарите дека високи владини функционери влијаеле врз отпуштањето на група новинари од телевизија Канал 5 и од другите медиуми. Од владата се пожалија дека зборовите на револтираните новинари кои останале без работа биле преостри и не се базираат на докази и факти. Завчера премиерот Груевски лично и се јавил на новинарката Коваческа-Трпчевска за да ја увери дека не стои зад десеткувањето на редакцијата на Канал 5. Со оглед дека новинарите посочуваат дека неговата десна рака Протоѓер замешал прсти во одлуката на менаџментот на оваа телевизија, отпуштената новинарка се прашува дали Груевски лаже, или пак, Протоѓер самоиницијативно, без знаење на својот шеф, прима и отпушта луѓе. Неколку новинари од осумчлената група која доби отказ од телевизија Канал 5 вчера се сретна со Анџела Агелар, советник на американскиот амбасадор Филип Рикер. По средбата новинарките не информираа дека Агелар им понудила морална, но и финансиска помош на отпуштените новинари кои најавуваат дека ќе водат судски процеси против медиумот во кој до вчера работеле. Инаку, дознаваме и дека амбасадорот Рикер одблизу ја следел ситуацијата со медиумите во земјава, а според нашите извори, посебно го загрижило колективното отпуштање новинари од Канал 5. Писмото од отпуштената новинарка вчера го добил и евроамбасадорот Ерван Фуере, кој се заинтересирал, а подоцна го препратил и до Штефан Фуле, евроамбасадор за проширување на ЕУ. Експертите коментираат дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку непристојни предлози, закани, уцени и други, како што велат, Гебелсови методи типични за фашистичките режими, веќе извесно време врши притисок врз медиумите со цел да го задуши критичкото мислење и да го искриви објективното информирање. Освен демократските права, истакнуваат тие, загрозена е и безбедноста на сите оние што јавно го кажуваат своите различни мислења од актуелната власт. - Се прогласуваат предавници. Се објавуваат списоци со платеници. Но, најлошо е кога премиерот наместо да преземе нешто против таа појава, лично се надоврзува на овие повици на линч кон сите што размислуваат со своја глава - вели Жарко Трајаноски, активист за човекови права. Според комуникологот Сеад Џигал, пак, власта постојано се обидува да го контролира слободниот израз и да го релативизира јавно изнесениот збор. Политичката опција што раководи со државата, додава тој, пробува да ги искористи медиумите во својата мисија за наметнување на моќта во разни општествени сфери.