По 100 години, со Груевски 100 чекори назад

Стекнатите права на жените сега се уназадуваат, тврди СДСМ, кој вчера организираше марш до Владата

21:30 | 07.03.2010 | Автор: Шпиц

Над 2.000 активистки на СДСМ, со свирежи и со транспаренти на кои пишуваше „Владата ги уназадува и ги дискриминира правата на жената“, „Вратете го достоинството на жената“, „Жената има право на слобода, избор и сигурност“, продефилираа вчера напладне од партискиот штаб до зградата на Владата, со цел да го изразат својот револт од третманот на жената од страна на владејачката политика.
- Слоганот на маршот е „100 години борба - за четири години 100 чекори назад“, со што јасно укажуваме на дискриминаторската политика на владата кон правата на жените во Македонија. Стекнатите права на жените сега се уназадуваат. Тоа што се случувало во историјата со прекршувањето на правата на жената, се случува повторно, а виновник за тоа е оваа влада - изјави предводничката на маршот, Цветанка Иванова од СДСМ.
Според неа, дискриминацијата на жената од страна на политиката на владата се случува во делот на работничките права на жената, социјалната заштита и правото на слобода и избор на жената.
- Политиката на власта е страшна. Нашата држава е социјална држава, но жената се повеќе е социјално несигурна. Жената работи повеќе часови и не е обезбедена, нејзината економска положба е многу лоша. Кампањите на владата против абортусот и го одземаат правото на избор - обвинува Иванова.
Таа го критикуваше и новиот закон за антидискриминација и рече дека дебатата е целосно извртена, бидејќи владата го претворила законот како да се однесува само за правата на хомосексуалците.
Жените од Новата социјалдемократска партија, по повод одбележувањето на 100-годишнината од 8 Март, вчера во Домот на АРМ организираа крводарителска акција.
- Дарувањето крв е добар начин да ја искажеме хуманоста и да ги поттикнеме жените и сите други да ја покажат хуманоста, бидејќи ние жените од НСДП цениме дека крвта е живот и нема повредно од него - рече Билјана Зуфиќ.