» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Полицијата остана без бензин?
МВР ги демантира наводите, а Министерството за транспорт и врски демантира дека сметката во „Макпетрол“ му е блокирана
„Шпиц“, неофицијално, дознава дека полицијата, Министерството за транспорт и врски и јавното претпријатие „Аеродром Македонија“ се соочуваат со сериозни проблеми за набавка на гориво од „Макпетрол“, поради беспарицата.
Во кулоарите кружат шпекулации дека „Макпетрол“ ги блокирал сметките за гориво поради неплатени сметки, при крајот на февруари и во почетокот на март. Пред неколку дена, и сообраќајците наводно биле ограничени во своите „крајслери“ дневно да ставаат само по 20 литри гориво, на интерните пумпи во кругот на МВР.
Министерството за транспорт и врски ги демантира овие наводи, а портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Драган Симоновски, изјави дека за ваква работа не слушнале и немаат информација дека такво нешто се случува. Според портпаролот на МВР, информацијата е сомнителна, бидејќи речиси е невозможно полициските „крајслери“ да оперираат со само 20 литри гориво дневно.
Изворите на „Шпиц“ тврдат дека владините институции, сепак, се соочуваат со недостиг од пари за гориво и дека се води сметка за секој денар. Пред неколку дена, поради неплатени сметки, беше исклучено и парно греењето во основните и во средните училишта, каде што дел од децата во петокот не беа на настава, а дел од нив имаа скратени часови. Парно греење немаа и студентските домови, а студентите седеа во своите студени соби цел викенд.
Во администрацијата упорно се шират гласини дека платите во следниот месец ќе доцнат.


