Повраќаат и по две недели, лекарите немаат поим од што

Бројот на заболени од вируси ова лето го достигна рекордот во последните пет години, а надлежните институции не знаат што се случува

09:00 | 02.09.2010 | Автор: Ирена Мулачка

Висока температура, проливи, повраќања и изнемоштеност, се симптомите со кои во последните две недели се соочува малата Теодора, за кои лекарите и препишуваат само антибиотици, а кои според нејзината мајка не му помагаат на девојчето.
Таа е револтирана од односот на матичниот лекар, кој ја лекувал нејзината ќерка бидејќи се уште не може да процени дали се работи за стомачен вирус или за некоја друга бактерија, а не ги испраќаат материјалите за да се утврдат точните причини за појавата на овие цревни заболувања.
- Детето ми е цело изнемоштено. Првата недела повраќаше и имаше пролив три дена, сега оваа недела пак се повтори. Толку сум разочарана од здравствениот систем во земјава. На лекарите тоа им стана најлесно, да препишат антибиотици и на тој начин го решаваат проблемот - разочарано објаснува 36-годишната скопјанка Ивана Костадиновска. Бројот на заболени од стомачни вируси ова лето го достигна рекордот во последните пет години. Амбулантите секојдневно се полни, а лекарите постојано со иста дијагноза. Додека децата се соочуваат со овие здравствени проблеми, Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема никаква информација дали воопшто се направени некакви контроли во летниот период и смета дека нема потреба за тоа, оправдувајќи се со „нормална состојба“. - Ако од Институтот за јавно здравје добиеме податоци дека е зголемен бројот на инфекции, одиме на терен, а според нас нема потреба од вонредни контроли. Не може здравствената инспекција да се меша во работата на лекарите - истакна Шемси Муса, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Доктор Благоја Алексоски, началник на одделението за надзор и контрола на имунизација во Институтот за јавно здравје, пред два дена потврди дека досега од ниту една јавна здравствена установа не е испратена анализа за да се открие причинителот.
- Многу е важно за пациентите да се открие главната причина која ги предизвикува овие болести, за да може да се препише точна терапија за болниот соодветно да се лекува. Но, здравствените установи, сигурно за да заштедат, не го прават тоа на што се обврзани. Дел од заболените непотребно пијат антибиотици, голем дел од нив не пијат иако би требало - вели Алексоски.
Сања Маринковиќ од Инфективната клиника вели дека кај нив во текот на целата година има зголемен број пациенти со симптоми на повраќање, пролив и температура, од кои дел ги хоспитализираат, а на дел им ја препишуваат потребната терапија и ги пуштаат на домашно лекување. Од Институтот за јавно здравје потврдија дека само во јули имало над 1.500 ентеровирози низ целата земја, но сметаат дека бројот е многу поголем.