Продолжен притворот за „Пајажина“

Нелогичностите во одлуките на Кривичниот суд повторно се појавија поради тоа што обвинет за тешки кривични дела, а згора на тоа и бегалец, без размислување е пуштен да се брани од слобода, а деветтемина осомничени за финансиски криминал од случајот „Пајажина“ веќе четири месеци се во истражниот затвор во Шутка без можност да бидат префрлени во домашен притвор.

09:00 | 22.04.2011 | Автор: Петре Ристовски

Кривичниот совет им го продолжи за дополнителни 30 дена притворот во истражниот затвор во Шутка на деветтемина осомничени за финансиски криминал од случајот „Пајажина“. Судиите не успеаја да се одважат и да ги игнорираат политичките притисоци при одлучувањето, па залуден беше и апелот на семејствата на притворените до судиите да одредат алтернативна мерка, за да можат тие да бидат за големиот празник Велигден со нивните најблиски. Иако сите се семејни луѓе со нарушено здравје, на дел од кои децата им чувствуваат психолошки последици, сепак судот реши повторно на сите деветмина да им го продолжи престојот во притвор.
- Сите даваме гаранција како фамилијарни луѓе дека нема да избегаат, дека на секој родител сигурно на прво место му е детето, поголемо богатство нема од сопственото дете. Поголема трагедија нема од тоа што нивните родители не се заедно на овој најголем христијански празник - изјави Ѓорѓи Ѓоргиевски, сопруг на една од притвореничките во „Пајажина“.
Нелогичностите во одлуките на Кривичниот суд повторно се појавија поради тоа што обвинет за тешки кривични дела, а згора на тоа и бегалец, без размислување е пуштен да се брани од слобода, а деветтемина осомничени за финансиски криминал од случајот „Пајажина“ веќе четири месеци се во истражниот затвор во Шутка без можност да бидат префрлени во домашен притвор.
Бегалецот Шкодран Идризи, првоосомничениот во хашкиот случај за ѕверските изживувања врз мавровските работници во 2001 година, кој од Германија, по потерница беше екстрадиран во Македонија, од завчера повторно е на слобода. Вака одлучил Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 оти на Идризи му истекол законскиот рок од 2 години во притвор, по подигнато обвинение. Судот му го одзел пасошот на Идризи и го обврзал да се јавува секој понеделник во судот во Тетово. Бегалецот кој и беше недостапен на полицијата од 2002 година, кога 8 месеци беше во притвор, беше екстрадиран од Германија во јануари минатата година, а тој се товари за најтешки кривични дела, за што неколкупати бараше Али Ахмети и други високи функционери да сведочат за негова одбрана.
Додека судот си поигрува со здравјето и судбините на управителите на фирми од Перо Наков, почна да тече рокот од 45 дена што Управата за јавни приходи го предвиде откако беа доставени решенија за побарување на наводно затаен данок. Од исти документи и судските вештаци и даночните инспектори утврдија драстично различни долгови, па според едните, А1 телевизија должи 1,4 милиони евра, а според УЈП, долгот изнесува неверојатни 6 милиони евра. За повеќе од двојно се разликуваат пресметките на вештаците и УЈП и за „Плус продукција“, фирмата која ги издава весниците „Шпиц“, „Време“ и „Коха е ре“.