Противпожарен апарат и рефлектирачки елек од денеска задолжителни

10:30 | 11.03.2010 | Автор: МИА
Противпожарен апарат и сигурносен-рефлектирачки елек од денеска стануваат задолжителна опрема за патничките возила.
Ова е предвидено во Правилникот за задолжителна опрема на возилата што денеска стапи во сила по неговото објавување во Службен весник.
Одредбите од Правилникот предвидуваат патнички моторни возила, комбинирани возила, патнички возила опремени за користење на алтернативни горива - течен нафтен гас (ТНГ), копримиран нафтен гас (ЦНГ), возила за јавен превоз, автобуси, како и товарни моторни и приклучни возила да имаат противпожарен апарат за гасење пожар.
Патничките моторни возила и комбинираните возила треба да имаат еден противпожарен апарат од два килограма наполнет со прашок АБЦ.
Апаратот треба да е поставен на видно место или на место лесно за дофат за да може да се употреби во случај на опасност.
Во моторните возила, освен мопед, лесен трицикл, лесен четирицикл, мотоцикл, трицикл и четирицикл, треба да има и сигурносен-рефлектирачки елек кој возачот ќе го користи кога во темнина го напушта своето возило или кога на пат надвор од населено место или автопат врши некоја работа покрај возилото.