» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Првите азиланти се враќаат дома
Разочарани што не им се исполниле очекувањата да добијат азил, а со тоа и пари и сместување, тие вчера ги фрлале биометриските пасоши
21:00 | 10.03.2010 | Автор: Маја Михајловска
Првиот автобус со педесетина граѓани кои не го добија бараниот азил во Белгија, по повеќе од 24 часа патување, се очекува денеска да пристигне во земјава. Враќањето назад бесплатно го организираа белгиските власти за првите доброволци кои ќе сакаат да се вратат во своите домови, откако јасно им укажаа дека нема да добијат политички азил бидејќи тоа го бараат од економски причини. Во Белгиското биро за странци најавуваат дека ќе организираат уште автобуси за враќање доколку се пријават лица кои се откажуваат од барање азил.
Во првата група назад се враќаат пет семејства со 19 лица од Прешево и други места на соседна Србија, додека преостанатите се од Македонија, главно од Куманово и од Липково.
Разочарани што не им се исполниле очекувањата да добијат азил, а со тоа и пари и сместување, тие вчера ги фрлале биометриските пасоши. Повратниците во автобусот ги придружуваат двајца службеници од белгиското Министерство за имиграција. Токму првиот човек на ова министерство Мелкиор Валде завчера лично го посети Липково за да укаже дека барателите на азил се прелажани дека во Белгија ќе добијат работа, стан и пари. Со истата порака тој потоа замина во Прешево, каде што му се придружи на австрискиот министер Ив Летерм. Тие деновиве беа во минитурнеја на регионот со цел да побараат од властите да преземат мерки и да го спречат бранот азиланти, кој по визната либерализација од 19 декември се упати кон Белгија, но и Швајцарија, Шведска и Франција.
Во Брисел, во февруари околу 400 македонски државјани побарале азил, што е двојно повеќе од целата измината година. Сепак, белгискиот премиер при посетата на регионов изјави дека по укажувањата на белгиските власти изминатите денови речиси и немало барања на жители од Македонија и од Србија за добивање политички азил во Белгија.
Во меѓувреме проблемот со азилантите не престанува да биде топ-тема во белгиската јавност и тамошните политички кругови. Деновиве белгиската држава го изгуби спорот со група од 55 азиланти, кои ја тужеле во белгискиот суд затоа што не ги сместила во сместувачкиот центар. Бидејќи таму немало место, барателите на азил биле сместени во хотел, но дел од нив останале и на улица. Државата сега ќе треба да плати казна од вкупно 200.000 евра или по 500 евра дневно за секој азилант кој не бил сместен во центарот. Како што пишуваат белгиските весници, одлуката на судот премиерот Летерм ја нарекол „одвратна“.
Неофицијално, над 5.000 граѓани од Македонија во последните два месеци заминале во западноевропските земји да бараат азил.


