Рамковски: Животот го „црта“ новиот премиер, а не јас!

Груевски насекаде гледа коалиции и нови премиери. Нема потреба јас и Црвенковски да го „цртаме“ новиот премиер. И на малите деца им е јасно дека тој не треба да биде човек што се занесува дека е Александар Македонски. Ако сакаме да преживееме и да напредуваме, економијата и бизнисот не смеат да бидат слуги на власта, туку обратно, вели сопственикот на телевизија А1.

10:00 | 30.07.2010 | Автор: Шпиц

Поважно од тоа кој ќе биде идниот премиер е како ќе се владее со Македонија. За ова се разговарало на средбата меѓу лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски и бизнисменот Велија Рамковски, минатата недела во Охрид, вели сопственикот на телевизија А1. Средбата, што ја потврдија и Црвенковски и Рамковски, воопшто не била тајна, како што беше објавено, туку се одржала во ресторанот на хотел во Охрид, преполн со гости. Немало ни причина да биде тајна, бидејќи нема што да се таи, објаснува Рамковски. Но, така не мисли и премиерот Груевски. По објавувањето на информацијата за средбата во „Вест“, прво со жесток напад се огласи провладиниот „Вечер“, а потоа не додржа и Груевски. Според него, тоа било формализирање на досегашната неформална коалиција меѓу Рамковски и Црвенковски. - За мене нема ништо ново, во тоа во смисла дека таму постои една неформална коалиција еден подолг период, сега само полека го објавуваат тоа, го формализираат на некој начин. Така што тоа е легитимно, нивна работа. За мене не е ништо ново, затоа што за таа конекција веќе подолг период сме запознаени - изјави Груевски. Рамковски и Црвенковски по средбата соопштија дека се разговарало за принципиелни, а не за персонални прашања. За профилот на новиот премиер во СДСМ ќе се одлучува тогаш кога ќе дојде вистинскиот момент, нагласи Црвенковски, додавајќи дека одлуката ќе биде пред се мотивирана од процената како посигурно и побрзо да се постигне главната цел, а тоа е што поскоро запирање на погубните политики на актуелната власт. Сопственикот на телевизија А1 вели: - Груевски насекаде гледа коалиции и нови премиери. Нема потреба јас и Црвенковски да го „цртаме“ новиот премиер, него го „црта“ животот, кризата во која сме заглибени. И на малите деца им е јасно дека идниот македонски премиер не треба да биде човек што се занесува дека е Александар Македонски или на кого ноќе му се сонуваат цркви што треба да се изградат. Ако сакаме да преживееме и да напредуваме, економијата и бизнисот не смеат да бидат слуги на власта, туку обратно. Рамковски не одбегнува директно да одговори на прашањето дали тој е заинтересиран да биде идниот македонски премиер. - Јас се интересирам за економската, а не за кадровската политика. Со сите свои капацитети, како успешен бизнисмен и сопственик на најмоќната телевизија, јас квалитетно влијаам и во иднина ќе влијаам да ја подобриме економијата, да го реформираме буџетот, да ги хармонизираме меѓуетничките односи, да ја засилиме европската агенда. Мислам дека со Црвенковски најдовме заеднички јазик за ова принципиелно прашање. Тоа е суштината за нашата „конекција“, како што ја нарекува Груевски. И сакам да му порачам на премиерот дека Црвенковски не е единствената „конекција“ со која разговарам за овие работи - вели Рамковски. Токму Груевски и луѓето околу него можат и самите да сведочат за начинот на кој сопственикот на А1 гледа на политиката. - Големите субвенции во аграрот, со кои постојано се фали Груевски, се мој проект. Телевизијата А1 го наметна тој проект и во неспосредна релација со луѓе од владата, учествувавме во него. Тоа го знаат сите. И во тоа нема ништо лошо. Лошото почна подоцна, кога тој проект почна да се партизира. Е тоа е точно она за што зборувам и што не смее да ни се случува. Партиите не смеат да ги загрозуваат економските проекти и економијата во целина, заради јакнење на рејтингот на еден човек. Значаен дел од парите од буџетот мора да се враќаат во стопанството. Не може спомениците да бидат поважни од живите луѓе. Не можеме да дозволиме неспремноста на еден човек да реши еден важен меѓународен спор да ја запре целата земја на патот кон Европа и сите да кинисаме за Индија. Таков премиер не ни треба. Тој може да си биде лидер на својата партија и тоа е легитимно. Но, во Македонија во иднина мора да се владее поинаку - вели Рамковски.