Шеќеринска: Нема да создавам, туку ќе решавам проблеми

Обединување, оптимизам, позитивна кампања со конкретни предлози и идеи - вети Радмила Шеќеринска на 20. роденден на опозицискиот СДСМ, откако партискиот лидер Бранко Црвенковски ја промовираше за кандидат за премиер доколку социјалдемократите победат на парламентарните избори на 5 јуни.

09:45 | 22.04.2011 | Автор: Влатко Стојановски

Радмила Шеќеринска е синоним за успешни евроинтеграции на нашата земја, со углед и авторитет во Македонија, но и во Брисел и во Вашингтон, која знае и може да го трасира вистинскиот пат до членството во Европската унија (ЕУ) и во НАТО. Со овие зборови актуелниот лидер на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски, на прексиноќешниот 20-годишен партиски јубилеј, ја претстави поранешната вицепремиерка за евроинтеграции за кандидат за премиер на земјава доколку социјалдемократите победат на парламентарните избори на 5 јуни.
- За мене ова е голема обврска пред голем број на загрижени и уплашени граѓани, кои чекаат да видат што ќе сториме - се обрати Шеќеринска пред членството, прифаќајќи ја одговорноста дека доколку ја предводи најголемата опозициска партија до победа на изборите ќе обединува, наместо да разединува, нема да создава, туку ќе решава проблеми.
Благодарение на довербата на граѓаните, ги вршев највисоките државни функции, и претседател и премиер - јас повеќе немам право на лични амбиции во политиката, говореше претходно Црвенковски, образложувајќи ја одлуката да се дистанцира, но не и да се повлече од политиката, бидејќи тој ќе ја предводи предизборната кампања.
- Јас имам само обврска и долг кон овој народ и оваа држава. Токму поради тоа, пред две години се вратив на челната позиција на СДСМ. Затоа што и тогаш, а и денес уште повеќе знам дека оваа политика на ВМРО-ДПМНЕ е погубна за оваа земја. Таа мора да се порази, пред таа да не порази сите нас и како народ и како држава - порача долгогодишниот лидер на СДСМ, според кого премиерот Никола Груевски ја осиромашил, изолирал и уназадил државата, па дури, според него, ја фалсификувал личната, партиската и националната историја.
Тој го промовираше и тимот на најблиски соработници на Шеќеринска, меѓу кои задолжен за надворешната политика ќе биде универзитетскиот професор Стево Пендаровски, кој е непартиски кадар. Финансиите, пак, ќе бидат во рацете на макроекономистот Зоран Јовановски, а економијата му припадна на уште еден партиски потпретседател, струмичкиот градоначалник Зоран Заев, чиј говор ја запали публиката.
- Шаком и петом, главом и ногом, застанувам зад идниот македонски премиер, Шеќеринска, да се борам против овој режим на Груевски - изјави Заев, демонстрирајќи партиско единство.


Конгрес на СДСМ на 2 мај

Од вчера тече постапката за предлагање кандидати за пратеници на општинските организации до Централниот одбор на социјалдемократите, која ќе трае до 27 април, објавија од СДСМ, чии активисти до изборите треба да посетат 250.000 домови низ цела држава. Кандидатските листи, кои до 5 мај мора да бидат предадени во Државната изборна комисија, претходно мора да ги потврди конгресот, кој ќе се одржи на 2 мај. Освен тоа, највисокиот партиски орган најверојатно ќе го реизбере Бранко Црвенковски за уште еден четиригодишен претседателски мандат, со можност на вонреден конгрес по изборите да биде избран за почесен претседател на партијата, а на челното место да дојде помлад кадар, како на пример потпретседателите Гордан Георгиев или Ана Павловска-Данева.
- Во пратеничките листи ќе бидат дел од кандидатите за идни министри. Изгледот на владиниот кабинет ќе го договараат Црвенковски и Шеќеринска по изборите, доколку СДСМ победи, секако - брифираат добро упатени партиски извори.