Собранието расправа за интерпелација на министерот Ставрески

14:15 | 11.03.2010 | Автор: МИА

Собранието денеска расправа за интерпелација на заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, поднесена од пратениците од ЛДП и Нова алтернатива. Поддршка на интерпелацијата најавија и пратениците од опозициските СДСМ и НСДП.Ставрески, сметаат пратениците од опзициските партии, треба да биде отповикан од раководењето со Министерството за финансии, поради промашени проекции на Буџетот, нереализрани капитални расходи, задолжување на државата со највисоки каматни стапки, за протежирање на јавниот сектор и негов голем долг кон стопанството... За пратениците од власта, мерките на Министерството за финансии, помогнале минатата година, како економски најкризна, Македонија да ја помине со најмал пад на БДП и со најнизок буџетски дефицит, без да бидат затворени голем број фирми како во остантите држави и без да се зголеми бројот на невработени.- Колку и да се обидувате ќе го носите товарот на министер во чие време Македонија се задолжи по највисоки каматни стапки и во чие време со емисија на државни обврзници се извлекоа пари од банките и не отидоа во стопанството, рече Марјанчо Николов од СДСМ во расправата.Тој оцени дека како резултат на работата на Ставрески, граѓаните и стопанството се повеќе осиромашуваат, а го обвини и дека манипулира со стечајците иако имал инструмент за решавање на нивната судбина, а истовремено му нуди на стопанството само парадни антикризни мерки. Според Николов, Ставрески води казнена политика директно насочена кон граѓаните и стопанството.Реплицирајќи Ставрески повтори дека во перидот на владеење на СДСМ просечната стапка на раст изнесува 1,1 проценти, а во време на ВМРО-ДПМНЕ 2,7 отсто, односно 2,5 пати повеќе. Потсети и на односот на СДСМ кон стечајците со нереализирани ветувања за решавање на нивниот статус, а направи и споредба на износот на јавниот долг, кој, според него, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го намалила за 50 проценти во однос на износот во времето на владеење на СДСМ. Во одбрана на работењето на министерот за финансии, Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ, потсети на преземените активности во минатата година, како економски најкриза, преку кратење на непродуктивни трошења, замрзнување на платите, донесени три пакети антикризни мерки. - Со водење избалансирана фискална политика се овзоможи маркоекономска стабилност и поттикнување на економската активност. За разлика од многу земји кои пристапија кон зголемување на даноците Македонија остана со најниското ниво на даноци во Европа, го задржа курсот за субвенции во земјоделството. Сите донесени мерки резултираа со тоа Македонија во 2009 година да ја заврши со најмал пад на БДП, задржавме еден од трите најниски буџетски дефицити во Европа, успеавме да задржавме да работат голем број фирми, наспроти бројните банкротирани во останатите...., рече Муковски.Абедин Зимбери од Нова Демократија смета дека државата се повеќе се задлабочува во економската криза со се поголеми задолжувања, без инвестиции кои ќе поттикнат отворање нови работни места и подобрување на стандардот на населението. Доказ за тоа, смета Зимбери, е и иселувањео на жителите од Липково.Според Тито Петковски од НСДП, на државата и се заканува грчкото сценарио поради лошо менаџирање со финансиите и презадолжување, присутна е голема невработеност и нема инвестциии.- Ја криете бројката колку државата му должи на бизнис секторот. Незадоволството на бизнис секторот и на работниците ќе експлодира. Во пазарна економија поддржувате чисто социјалистички мерки како што е законот за репрограмирање на долговите на јавни компании, истакна Петковски, критикувајќи го Ставрески и дека не придонел за зголемување на инвестициите во државата. Во реплика министерот за финансии забалежа дека апсолутен рекордер за висока стапка на невработеност е министерот за труд и социјала Мансиевски, во 2003 и во 2004 година, кога таа изнесувала 37,2 проценти.- Денес стапката е пет процентни поени помалку, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, наведе Ставрески и му порача на Петковски да ги види секојденвните огласи за вработување од Џонсон Мети, кои имаат инвестирано 75 милиони евра.