» Најкоментирани од последната недела:
Спаска стана бенчмарк за во ЕУ
21:00 | 12.03.2010 | Автор: Шпиц
Остар протест и незадоволство од одлуката на судот во Гевгелија во врска со случајот на Спаска Митрова му бил искажан на македонскиот амбасадор во Софија вчера. Тој бил итно повикан од бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Марин Рајков.
Судењето на тазе Бугарката Спаска Митрова во Гевгелија доби невиден публицитет во Бугарија. Завчера беше топ-тема во електронските медиуми и сајтовите, а вчера и во весниците.
Судот во Гевгелија завчера на гевгеличанката со бугарски пасош Спаска Митрова и го одзеде старателството врз тригодишната ќерка Сузана и му го даде на нејзиниот поранешен сопруг Воислав Савиќ. Судот ја задолжи Митрова и да плаќа месечна издршка од 40 евра. Социјалните служби дополнително ќе се произнесат колку и како таа понатаму ќе може да ја гледа својата ќерка.
Во реакцијата на веб-сајтот на бугарското МНР се наведува дека Софија со загриженост констатира оти судската постапка во процесот за родителските права што се водел против бугарската државјанка Спаска Митрова во Македонија не бил транспарентен.
„Тој е спроведен во услови на силна негативна општествена атмосфера, од што дел беа и актите на физичко насилство, притворање и одземање на правото на Митрова да си го види детето. Бугарија очекува судските органи во повисока инстанца да донесат решение кое ќе соодветствува со европските принципи на транспарентност и објективност. Софија ќе продолжи и натаму внимателно да го следи процесот и да го третира како показател за напредокот на судските реформи во Македонија - важен елемент од Копенхагенските критериуми, од чие исполнување зависи европската перспектива на нашиот сосед“, стои во реакцијата.
Македонското Министерството за надворешни работи во врска со протестот на официјална Софија цени дека еден граѓански судски процес меѓу двајца родители не треба да прерасне во спор меѓу две држави и нивните дипломатии.
Случајот е пренесен и во Европскиот парламент каде што бугарскиот пратеник Евгениј Димитров со месеци го држи како дежурна тема.


