Топлификација ги разболе учениците

Екипата на „Шпиц“ забележа премрзнати деца, кои поради исклученото парно-греење од страна на „Топлификација“, порано ги завршија петочните часови

21:15 | 05.03.2010 | Автор: Петре Ристовски

На температури околу нулата вчера радијаторите останаа ладни во повеќето скопски училишта. Родителите во страв да не настинат децата, во паника излегуваа од работа и ги земаа од училиште. Наставниците беа во хаос како да ги затоплат оние ученици чии родители не можеа да ги напуштат работните места.
Учениците во основните училишта „Лазо Трповски“ и „Вера Циривири“ во скопската населба Карпош и „Владо Тасевски“ во скопско Козле вчера поради ладните радијатори мораа часовите да ги следат облечени со јакни и со шалови. Екипата на „Шпиц“ забележа премрзнати деца, кои поради исклученото парно-греење од страна на „Топлификација“, порано ги завршија петочните часови.
- Цел ден немаме парно, а надвор температурата е околу нула. Ги скративме часовите по десет минути. Сите сметки ни се платени, а утринава дојдоа и не исклучија. Ова е страшно, децава ќе се разболат, родителите се гневни - вели секретарката во основното училиште „Вера
Циривири“.
Книговодителката од училиштето „Лазо Трповски“ во отсуство на директорот ни рече дека завчера платиле дел од долгот, онолку колку што им префрлила општината, но сепак и тие останаа без греење.
- Кога ќе не приклучат не ни кажуваат. Смрзнавме, па затоа целата настава во првата смена заврши во 10,30 часот. Ние требаше да им се извинуваме на гневните родители поради туѓи грешки - вели таа.
Продолжен викенд и неодржување на часовите поради немање греење добија и учениците во основното училиште „11 Октомври“ во општина Центар, а без греење останаа и дел од училиштата од општините Кисела Вода и Аеродром.
Радијаторите во основното училиште „Војдан Чернодрински“ во Карпош за разлика од другите училишта беа топли, но наставниците се пожалија дека при првите сончеви зраци што ќе се појават, надлежните за греењето веднаш го исклучувале парното, иако во тек е грејната сезона.
Службите во АД „Топлификација“ вчера откако за информација не испраќаа од телефон на телефон, само кратко ни рекоа дека училиштата се исклучени поради големи ненамирени долгови, а повеќе коментари за тоа до кога децата ќе се мрзнат на ниските температури не сакаа да дадат.