» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Турска делегација на одбележувањето 111 години од дипломирањето на Ататурк
Делегација на вооружените сили (ВС) на Република Турција од денеска престојува во тридневна официјална посета на Република Македонија по повод одбележувањето на 111 години од дипломирањето на Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола.
Турската делегацијата ја предводи бригадниот генерал Едхем Бујукишик, началник на Институтот за воени стратегиски истражувања, а во нејзиниот состав се и десет питомци на Средното воено училиште на ВС на Турција и над 70 припадници на традиционалниот воен оркестар на Генералштабот.
Заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Насер Сејдини, како домаќин на делегацијата, како што е најавено, денеска ќе се сретне со генералот Бујукишик.
Согласно програмата за одбележување на 111 години од дипломирањето на Кемал Ататурк, главната свеченост ќе се одржи утре во предворјето на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј на градот Битола.
Свеченоста ќе биде организирана со највисоки почести, која ќе започне со едноминутно молчење во чест на Ататурк и со интониранирање на националните химни. Пред присутните се очекува да се обратат Амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, А. Хакан Окчал, министерот за одбрана Зоран Коњановски и бригадниот генерал Едхем Бујукишик. Во рамките на свеченоста пред музејот во Битола каде е спомен собата на Кемал Ататурк, во чест на јубилејот ќе бидат засадени три садници, а традиционалниот воен оркестар на ГШ на ВС на Турција ќе одржи концерт со пригодна програма.
Како што е најавено, во вечерните часови чествувањето на јубилејот ќе продолжи во Скопје. Во Домот на АРМ традиционалниот воен оркестар на ГШ на ВС ќе одржи концерт на кој ќе можат да присуствуваат граѓаните на Скопје.


