» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Ванчо Михајлов се сретна со Тодор Александров
21:15 | 28.02.2010 | Автор: Маја Михајловска
Накитена со бугарско знаме од десната страна и со црното знаме на револуционерната ВМРО од лева страна, бистата на контроверзниот историски лик Ванчо Михајлов вчера свечено беше откриена во дворот на велешанецот Драги Каров. Настанот помина без инциденти и со присуство на полиција, која го обезбедуваше, но велешани кои поминуваа од тука за да одат на пазар беа иритирани и гласно негодуваа. Настанот беше целосно во знакот на бугарската иконографија, ечеа бугарски патриотски песни, доминираа бугарски знамиња, меѓу кое едно високо издигнато на балконот со напишана парола „Сите Бугари заедно“. Иако организаторите најавуваа меѓу 500 и 1.000 гости од земјава и од Бугарија, сепак немаше повеќе од педесетина гости и немаше ниту едно звучно име, иако беа најавени директорот на Бугарскиот државен архив, претставници од бугарската Академија на науките и уметностите и водечки историчари.
Скопскиот новинар Виктор Канзуров од Иницијативниот комитет за чествување на ликот и делото на Ванчо Михајлов, кој е организатор на настанот, ја обвини сегашната власт дека со антиквизацијата се врши вештачко менување на идентитетот на „славјанските македонски Бугари“ исто како што тоа се случило и по Втората светска војна со „дебулгаризација на населението“. Според него, секој што е против Ванчо Михајлов е против самостојна и независна Македонија и за враќање во прегратките на Белград од каде што до неодамна се кроела иднината на македонскиот народ.
- За жал во последно време од осамостојување на Македонија, а особено откако на власт е Никола Груевски, се појавуваат тенденции за засилена србизација на Македонија. Самите обиди да се покаже потеклото на Македонците како античко и дека се потомци на Александар Македонски не е ништо друго, туку поттикнување на великосрпскиот концепт. Притоа власта го негира историското, културното и духовното наследство од периодот на свети Климент и Наум до 1945 година - рече Канзуров.
Тој ги нападна и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Велес, Илија Димовски и Марјанчо Николов, за фашистички и србомански идеи, осврнувајќи се на нивните изјави дадени во „Шпиц“ во кои ја повикуваа општинската власт и Министерството за култура да ги преземат сите мерки да се спречи поставувањето на споменикот на Ванчо Михајлов.
Тој на присутните гости од Бугарија им порача дека ги сака, но исто така потенцира дека убавите зборови од нив не се доволни. Особено беше огорчен од бугарскиот министер за дијаспората Божидар Димитров, нарекувајќи го „фурнаџиска лопата“ дека не им дава никаква помош на Бугарите во Македонија барајќи итна оставка од него.
- Божидар Димитров непрекинато си игра мајтап со нас, во бугарските медиуми вели ќе ни даде поддршка, не само морална. Тој не само што тоа не го спроведува, туку во приватни разговори ни вели дека тука не сме репресирани и дека убаво си живееме. Тој е истиот кој ги финансира соработниците на УДБА, шпиони по бугарска линија - изјави Канзуров.
Петар Колев од бугарското движење „Преображение“ истакна дека во Македонија многу луѓе се против ликот и делото на Ванчо Михајлов, иако една од неговите најпопуларни изјави е Македонија - Швајцарија на Балканот, и дека бил најголем патриот.
Николај Тошев, кој се претстави како потомок на револуционерот Пере Тошев, претседател на Сојуз на македонски организации од Софија за потомци на македонските Бугари кои живеат во Бугарија, истакна дека треба да се проучи историјата од архивите и да се утврди дека македонската нација е настаната како резултат на српско комунистичката пропаганда и дека голем дел од учебниците и историјата се невистинити.
Бистата на Ванчо Михајлов неколку часа по откривањето во дворот требаше да се премести на балконот од куќата на Драги Каров и да се придружи до бистата на Тодор Александров која беше откриена пред точно две години.


