ВМРО-ДПМНЕ готви нова запршка за брат Љубе

Не успеа да ме уништи Карла дел Понте, а не, пак, мала група бандити инсталирани во раководството на ВМРО-ДПМНЕ околу премиерот Никола Груевски, одговара првиот човек на ОМ, Љубе Бошковски, на се позачестените гласини дека ВМРО-ДПМНЕ му подготвува продолжение на кампањата да негова дискредитација, која овој пат ќе се заснова на сомнителните извори на финансирање на неговата партија.

09:00 | 03.09.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Во вмровската кујна се готват планови за второ полувреме од кампањата против лидерот на опозициската Обединети за Македонија (ОМ), Љубе Бошковски, која, како што пропагираа провладините медиуми во почетокот на мината година, се засноваше на предавничката приказната дека наводно бра Љубе во Хаг го предал Јохан Тарчуловски за да ја спаси својата глава. Ако има вистина во овие гласини кои допреа до „Шпиц”, втората рунда напади врз Бошковски, чиј акцент овој пат ќе биде врз сомнителните извори на финансирање на неговата партија, поранешниот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги очекува непосредно пред парламентарните избори, или, пак, во текот на предизборната кампања.- Бошковски е политички маргиналец по сите афери кои го тресеа него и неговата партија – коментираат за „Шпиц“ луѓе блиски до владејачката партија, кои, сепак, не исклучуваат дека јавноста ќе биде сведок на уште една канонада координирани удари во рамки на „политичката битка”.Првиот човек на ОМ, Љубе Бошковски, очекува продолжение на кампањата за негова дискредитација, но не се вознемирува. Како што порача тој, раката на правдата ќе ги стигне сите криминалци, откако оваа партија ќе победи на идните парламентарни избори.- Не се вознемирувам! Не успеа да ме уништи поранешната хашка обвинителка Карла дел Понте, која копаше до осмо колено во мојата фамилија и не најде ниту долар, така што воопшто не и се плашам на оваа мала група бандити во ВМРО-ДПМНЕ, кои вршат идеолошка злоупотреба на вмровската идеологија. Да знаат дека набрзо ќе го видат оној стариот Љубе во полн сјај, од кого на сите им побелуваше косата - возвраќа тој, истакнувајќи дека никому нема да дозволи да го скрши. Според нашите неофицијални информации, ВМРО-ДПМНЕ во поранешниот хашки затвореник гледа најопасна закана на идните парламентарни избори во борбата за гласови во десничарскиот блок, па имајќи предвид дека и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски се враќа во игра, ќе пробаат да ги минимизираат шансите Обединети за Македонија да загризе добар дел од конзервативното гласачко тело. Имено, политичките аналитичари сметаат дека Бошковски тешко може да го повтори резултатот од претседателските избори, кога освои околу 150.000 гласови како самостоен кандидат, потпирајќи се на маченичката хашка приказна. Сепак, тие објаснуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и ОМ се обраќаат кон гласачи со десна провениенција, па еден пратеник за Бошковски значи минус еден на контото на коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Како што проценуваат тие, лидерот на ОМ моментално тежи од 3 до 5 пратеници, зависно од концентрацијата на гласови кој би ги освоила неговата партија по изборни единици.