» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Вмровските лекари агитираат, а пациентите приумираат
Охрид, Велес и Штип се градовите каде што најмногу е развиена предизборната дебата меѓу лекарите и пациентите. Со висок крвен притисок, проблеми со срцето и погрешна дијагноза, но со глава полна со нови политички мисли, пациент протестно ја напуштил ординацијата на својот лекар.
09:30 | 22.04.2011 | Автор: Ирена Мулачка
Предизборната трка за гласови на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се префрли и во ординациите на лекарите блиски до власта, кои наместо да ги лекуваат пациентите, се занимаваат со давање погрешни дијагнози и со неколкучасовно агитирање колку е добра вмровската политика, неофицијално дознава „Шпиц“.
Во неколку градови во внатрешноста на земјава белите мантили редовно држат партиско-пропагандни говори на своите работни места, а болните излегуваат уште „поболни“ од нивните ординации.
Охрид, Велес и Штип се градовите кои се први на топ-листата каде што најмногу е развиена предизборната дебата меѓу лекарите и пациентите. Со висок крвен притисок, проблеми со срцето и погрешна дијагноза, но со глава полна со нови политички мисли, пациент протестно ја напуштил ординацијата на својот лекар.
- Едвај стигнав до лекарот со висок притисок, плашејќи се дали ќе останам жив, но тој наместо да ме лекува, еден саат ми ја фалеше политиката на власта. Едноставно не му е гајле што ми е и какви здравствени проблеми имам. Јас отидов на лекар, а не на митинг. Политички дебати можат да одржуваат по работното време, а на работното место треба да си ја вршат работата за која се ставени. Срамно и жално. До кое дереџе дојде македонското јавно здравство? - револтирано објаснува 54-годишниот Ванчо С..
Со вакви проблеми последниот месец се соочиле повеќе пациенти, кои велат дека доволно се свесни и доволно гледаат што се случува за да знаат да изберат за кого ќе го дадат својот глас или дали воопшто ќе гласаат.
Владимир Лазаревиќ, експерт за јавно здравство, вели дека не смее да се замисли лекарите наместо да ги лекуваат пациентите, да држат политички дебати на своите работни места.
- Лекарите се на своето работно место за да бидат достапни за пациентите и нивните здравствени проблеми во секое време и не смеат да ги злоупотребуваат болните за каква било политика. За овие проблеми со кои се соочуваат пациентите не знам ни дали има некое решение, но факт е дека болните не отишле на лекар некој да ги малтретира за политички цели, туку да ги лекува. Сепак ако пациентот не е задоволен од својот лекар, слободно може да си бара да се префрли кај друг, кој ќе се грижи за неговото здравје, бидејќи тоа им е работа - истакна Лазаревиќ.
Од првата здравствена институција во државата, Министерството за здравство, неофицијално дознаваме дека на белиот телефон за поплаки имало пациенти кои се пожалиле дека нивните лекари се занимаваат повеќе со политика отколку со лекување, но досега за овој проблем не е преземено ништо.
Побаравме став и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, каде што наместо одговор добивме затворена слушалка.
Предизборни 10 отсто за лекарите
Лекарите предизборно можат да бидат почестени и со покачување од 10 отсто на платите, за власта да придобие повеќе гласови во предизборието, коментираат дел од лекарите. Тие велат дека по честите намалувања на платите во последните две години не се повеќе сигурни дали ова ќе трае само пред изборите или ќе останат без тие 10 отсто по изборите.


