» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Внуката на Нобел на свадба во Охрид
09:00 | 09.09.2010 | Автор: Шпиц
Под голем шатор од кој допираа звуци од харфа, во изведба на Весна Станоевска, и од амбиентална филмска музика од „Пред дождот” и „Господар на прстените”, како и од Вангелис, осветлено со факели, младоженци и гости облечени во костими кои ги симболизираат ликовите на античките, грчките, римските и на викиншките богови и божици, викендов се случуваше свадбата на двојката Бојана Тодоровска и Кристијан Рејнер, а за една од локациите беше избран Античкиот театар во Охрид. Бојана, која е родена во Скопје, работи како портпаролка во Европската банка за обнова и развој и живее во Лондон заедно со сопругот Кристијан, кој е менаџер за финансиски инвестиции. „Шпиц” ексклузивно од невестата, од прва рака дозна за нејзините импресии и за сето она што се случуваше во Охрид, во изминативе четири дена. Свадбата траеше четири дена, а гостите, освен да присуствуваат на гламурозната црковно-свадбена церемонија на Кристијан и на Бојана, имаа можност да се вклучат и во пешачка и во тура со брод и да ги видат сите знаменитости на Охрид. На свадбата беа поканети над 120 гости од секаков профил, од претседатели на банки, музички продуценти, академици, бизнисмени, амбасадори, политичари, до правнуката на Нобел, кои пристигнаа од 32 земји во светот: Шведска, Норвешка, Индија, Австралија, Венецуела, Јужна Африка, Бразил, Аргентина и други. - Гостите во Охрид пристигнаа во четвртокот и беа сместени во хотелите „Ројал Вил” и „Тино”, каде што беа пречекани на традиционален македонски начин и беа послужувани со слатко и со вода, а притоа на секој од гостите им беа доделени и вреќички со ајвар, жолта ракија и алва - вели невестата. Вториот ден беше резервиран за разгледување на Охрид, а потоа гостите имаа можност да пловат со бродот „Галеб” до манастирот „Свети Наум”.
Бојана вели дека гостите биле воодушевени од пловидбата, а некои од нив коментирале дека зеленилото на Галичица и природната убавина на целиот крај покрај Охридско Езеро потсетувале на делови од Виетнам, и особено биле многу заинтересирани да дознаат повеќе за Заливот на коските.
Во петокот се одржа претсвадбената церемонија во Античкиот театар, насловена како „Вечер на антички и викингшки богови и божици”. Тогаш невестата Бојана носеше фустан кој ја симболизираше божицата Афродита, додека зетот тога, со што го претставуваше ликот на викингшкиот бог Тор. За време на црковната церемонија во „Света Софија”, Бојана носеше раскошен фустан дизајниран од познатата креаторка од Лос Анџелес, Моник Лулиер, која го изработи и венчалниот фустан на Ева Лонгорија. Долниот дел од венчаницата од познатата креаторка е декориран со над 3.000 рози изработени од сатен, а Бојана со него ја симболизираше божицата Афродита. Нејзиниот сопруг, пак, беше облечен во црн кадмо костим, кој е изработен од познатите кројачи од лондонската улица Савил Роу.Гостите, исто така, беа облечени во бели костими, кои ги претставуваа ликовите на Клеопатра, Астерикс, Давид и Голијат, а пред доаѓањето беа закитени и со ловоров венец.
Кристијан и Бојан, заветот за вечна љубов го дадоа во црквата „Света Софија” во саботата, кога невестата со својот татко влезе на музиката од Пахабел со композицијата Канон во Де, во изведба на македонскиот квинтет „Арте” под водство на Јован Бицевски. - Свадбата продолжи на плажата Кадмо, кога гостите беа пречекувани со црвена сол, леб и вода од девојки од КУД „Отекс” Охрид, облечени во традиционални македонски носии, а како прва изведба беше одбрана антологиската песна „Билјана платно белеше”. При влегувањето, гостите беа насочувани каде да седнат, а нивните места беа означени со рачна изработена хартија на која со античко злато беа испишани имињата на гостите, а на секоја маса имаше слика од некој светски град кој младоженците го посетиле - вели Бојана. Гостите ги забавувал и виолинистот Зоран Џорлев, кој изведуваше стара македонска изворна музика. - Покрај старите македонски обичаи, како потпишување на името на немажените девојки на невестинските чевли пред фрлање на бидермаерот, обичај кој се прави со цел невестата да ги згази и да им посака среќа на девојките да се омажат поскоро, и ставање на златни парички кои се чуваат од генерација до генерација, во десниот чевел на невестата и младоженецот од страна на мајката на невестата, беа запазени и шведски обичаи. Еден од нив е гостите да чукаат со ножеви по чашите, повикувајќи ги младоженците да се бакнат, или невестата ја напушта масата и тогаш сите девојки се втрчуваат да го бакнат зетот - вели Бојана. Свадбената торта, која беше тешка над 10 килограми, го отсликуваше фустанот на Бојана, а колку пари чинеше сета оваа организација, таа не сакаше да ни открие.


