За седум усти 2.500 денари не се ни мезе

21:15 | 17.03.2010 | Автор: Ема Николовска

Седум деца, од кое едното е со потребни потреби, неплатени сметки за струја и вода, двособен стан. Вакви се условите за живот на деветчленото семејство Зафировски од скопската населба Хиподром, кои живеат со социјална помош од 2.500 денари, а на сето тоа имаат долг од над 70.000 денари за струја. Тие со помошта што ја добиваат не знаат дали да купат храна за децата и да ги испратат на училиште или да ги плаќаат заостанатите долгови.
- Од 2007 година наваму се влошија работите. Секој кој требаше да дојде на власт ни помагаше првите месеци, потоа сите не забораваа. Бевме и во владата на средба со премиерот Никола Груевски, кој не прими на третото одење и ништо не промени – вели таткото Трајче Зафировски.
Мајката Жаклина на тоа додава дека со нив биле и децата, и како и сите деца, си играле во една соба во владата, но поради тоа им се развикале дел од вработените таму.
- Кога не примија кај премиерот не сакаа да влеземе во неговата канцеларија, сигурно мислејќи дека сме нечисти луѓе, па да не им ја извалкаме канцеларијата - раскажува Зафировска.
Таткото Трајче работел до пред две години, прво во „Раде Кончар“, а потоа растоварал камиони на Кванташки пазар се додека еден ден не го фатило срцето.
- Сега имам потврда од лекар дека не смеам да работам затоа што имам проблеми со срцето, но не е проблем и да работам, ако се најде нешто веднаш, би работел за да ги издржам овие деца - вели Зафировски.
Тие се хранат од Народната кујна во Хиподром, каде што можат да добијат храна само за четири члена, па мора да се стискаат со храна.
- Еднаш само се смилува министерот за социјала и труд, Џељаљ Бајрами, ни даде еднократна помош од 10.000 денари - раскажува таткото.
Зафировски живеат во станот во Хиподром од 2001 година во времето на војната, кога голем дел од жителите на Арачиново се раселија, меѓу кои и тие, а станот го купил дедото на Трајче неколку години претходно. До пред извесно време покрај социјална помош добивале и пари од родителите на Жаклина, но откако нивната пензија е укината, останале само на 2.500 денари месечно.