» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Фејсбук избриша чешка расистичка група
Една чешка нео-нацистичка група која од неодамна беше формирана на социјалната интернет мрежа „Фејсбук“, врз основа на стотици барања од корисниците и откако за неа информираа чешките медиуми е избришана од страна на американските оператори.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, интернет страницата на групата наречена „Повелба 88“ која изобилуваше со расистички и ксенофобични пораки и мислења упатени до Ромите и Евреите предизвика огромно незадоволство кај голем број корисници на Фејсбук во Чешка.
- Евреите несомнено се раса, но тоа не се луѓе, се вели во една од интернет пораките каде се испишани кукасти крстови и нацистички поздрави.
И покрај тоа што авторите на ваквите натписи кои се казниви според чешкото законодавство не се сосема анонимни, полицијата во Чешка е немоќна бидејќи е тешко да се докаже дека тој што е потпишан навистина го напишал текстот.
- Сите вакви сајтови вклучувајќи го и Фејсбук се регистрирани во САД и тамошните органи повикувајќи се на амандманот на Уставот за слободата на говорот никогаш не би ни дале конкретни детали за тоа од која адреса и кога точно некој ја напишал пораката, изјави шефот на полицискиот Оддел специјализиран за интернет-криминал, Карел Кухарик за чешкиот весник „Право“.
Иако нема конкретни надлежности, Кухарик предупреди дека чешката полиција против ваквите интернет сајтови не ги затвора очите.
- Иако не можеме кривично да гониме некого за неговите пишувања на Фејсбук, тоа не значи дека не се грижиме за оваа проблематика, додава Кухарик, потенцирајќи дека информациите за одредени луѓе кои се активни на други слични интернет страници ги предаваат на полициските инспектори кои се фокусираат на екстремизмот.


