Ќе пратиме бубачки близу Марс

Руската вселенската агенција ќе испрати мини зоолошка градина на месечината на Марс, Фобос, за да ги испита условите за живот

21:00 | 05.03.2010 | Автор: Шпиц

Незадоволни од потрагата по живот на Марс, руската вселенска агенција „Роскосмос“ и американското планетарното здружение наскоро ќе испратат живот од Земјата на една од Марсовите месечини наречена, Фобос. Првите меѓупланетарни патници ќе бидат бактерии, спори, семиња, ракови, инсекти и габи, а целта на мисијата е да се дојде до сознанија како биолошкиот живот во различни форми ќе се справи со вселенското патување во период од три години.
Русија подолго време врши најразлични биолошки вселенски тестови со иста цел. Во еден од експериментите изведен во соработка со јапонски научници, научниците прилепија африкански комарец за трупот на Меѓународната вселенска станица (ИСС). Тие го одбраа овој вид комарец, бидејќи знаеја за способноста на овој инсект да влезе во одредена хибернирачка состојба за време на сушите во Африка. Имено, африканскиот комарец може да ја претвори својата телесна течност во трикалорен шеќер, забавувајќи ги своите функции безмалку до комплетен застој. Кога повторно почнува да врне, кристализираното суштество се рехидрира и продолжува со својот животен циклус. При овој експеримент, Биориск-комарецот опстана 18 месеци на температура која варира од минус 150 до плус 60 Целзиусови степени. По враќањето на комарецот, научниците му извршија здравствен преглед, при што заклучија дека е „жив и нозете му мрдаат“.
Овој експеримент, како и идните планирани од овој тип би овозможиле подобро разбирање на тоа како луѓето би преживеале во вселената во подолг период (можност за ставање на идните меѓупланетарни астронаути во одредена биолошка состојба слична на кома), како и тоа дали е можно одгледување храна, односно различни култури за прехранување на астронаутите надвор од Земјата.
Американското планетарно здружение планира да испрати мал пакет со 10 различни видови вклучувајќи водени мечиња (инсекти со големина од 1 милиметар), семе и бактерии. Главната цел на овој експеримент е тестирање на хипотезата за панспермија, според која, се смета дека животот може да патува од планета на планета транспортирајќи се притоа со фрагменти од планетарен материјал. Најголемиот дел на биолошкиот примерок би се наоѓал во состојба на биолошко мирување, а тестовите би се извршувале по враќањето на Фобос-Грант на Земјата доколку примерокот се врати жив.
Русија, пак, од друга страна, има многу поамбициозни цели со овој проект. Вселенската агенција планира да испрати цела мини зоолошка градина на Фобос. Руските експерименти би вклучиле ракчиња, ларви од комарци, бактерии и габи и би биле посебно насочени кон набљудување на влијанието на космичката радијација врз сите овие различни видови живот за време на меѓупланетарното патување.
Секако, освен прашањата за етичноста за вршењето на вакви тестови врз животински примерок, постојат и одредени грижи за контаминација на месечината (во случајот Фобос-Грант да не се врати успешно од мисијата). Сепак, шансите примерокот да опстане на месечината без атмосфера се минимални до никакви. Во секој случај, идејата за овој експеримент е револуционерна и е од огромно значење за астробиологијата.