Компјутер за на глава

Компанијата „Копин“ произведе миникомпјутер, кој може да се носи како слушалки

21:00 | 09.03.2010 | Автор: Шпиц

Само за две години во светот повеќе луѓе ќе користат интернет преку своите мобилни телефони, отколку преку десктоп или лаптоп-компјутерите. Ова се предвидувањата на софтверската компанија Опера, која го произведува најпопуларниот интернет-прелистувач за мобилни телефони, познатата Опера мини. Дополнително, во последниве месеци, хардверскиот гигант како Епл произведе таблет-компјутер наречен Ајпед, кој е нешто поголем од Ајфонот, а се шпекулира дека на слични уреди работат и Мајкрософт и Гугл.
Овој податок покажува дека во иднина ќе бидеме почесто во движење и секогаш ќе ни биде потребна алатка, која ќе ја врши работата на компјутерот, но ќе може секаде да ја носиме. Токму затоа, компанијата „Копин“ произведе миникомпјутер, кој може да се носи како слушалки. „Копин“ е име за кое многумина немаат слушнато, но тие се лидери во производството на микроекрани и воени индустриски производи. „Златното око - ген 2“ е името на новиот миникомпјутер, кој ќе направи да личите на футуристички вселенски маринец од иднината. Компјутерот, кој се носи на глава, е опремен со блутут-технологија за префрлање фајлови, 15-инчен виртуелен екран, вградена меморија и има можност за препознавање на движење на главата, а може да се командува со помош на гласот.
Ќе работи на посебна верзија на Виндоус, малку видоизменета од онаа што ја користат мобилните телефони и ќе поддржува стриминг видео со висока резолуција, но најдобрата страна на овој производ е можноста на него да се ужива во видеоигрите. Компјутерот „златното око - ген 2“ е опремен со најмодерен процесор со високи перформанси и графички акцелератор за комплетно интерактивно искуство.
Ова чудо од компјутер на „Копин“ ќе овозможи конекција со вашиот смартфон или лаптоп преку блутут, иако тие се наоѓаат во чанта, а нивната содржина може да се прегледува на 15-инчниот виртуелен екран.
Исто така, ќе може да се користи за пристап до интернет, да се прегледуваат документи и многу повеќе преку поврзување со други блутут компатибилни уреди, како компјутери, лаптопи или паметни телефони, а ќе има можност за поврзување преку безжичен вифи-интернет.
Една од најдобрите опции е можноста за примање команди преку тракинг-уредот на главата и телото и препознавање говорни команди. Со помош на говорна команда може да го разбудите вашиот компјутер или пак да го ставите во мод на хибернација.
Компанијата веќе неколку месеци го тестира миникомпјутерот „златно око“, додека неговото производство треба да почне некаде за време на летото. За жал, повеќе информации за овој чуден компјутер нема, како што не е познато ни по која цена ќе се продава. Сепак, судејќи според перформансите што ги нуди „златно око“, тој нема да биде воопшто евтин телефон. Но, не очајувајте, ако компјутеров се покаже како доволно успешен и корисен производ, прашање на време е кога и другите компании ќе се свртат кон производство на вакви уреди.