» Најкоментирани од последната недела:
Македонецот кој го возбуди Мајкрософт
Инспирацијата најчесто ја црпам од водниот свет, но најомилена форма ми е сферата, таа е совршена, вели дизајнерот Тноковски
21:00 | 02.03.2010 | Автор: Шпиц
Младиот Апостол Тноковски, со своите дизајни за автомобили и за компјутери заинтересира компании како софтверскиот гигант Мајкрософт и фабриката за автомобили Пежо. Овој 27-годишен скопјанец,
во моментов е при крај на студиите по графички дизајн во родниот град и
работи како графички дизајнер во продуцентската куќа „Наше маало“.
Кои се твоите почетоци?
- Отсекогаш имав талент за цртање, меѓутоа интересот за дизајн се појави откако ми купија компјутер. По цели денови седев пред компјутер и учев Фотошоп. Случајно на интернет дознав за еден натпревар за апарати за домаќинство на компанијата „Електролукс“. Имав идеја и изработив проект за апарат за брза подготовка на здрава храна. Инспирацијата најчесто ја црпам од водниот свет, но сепак најомилена форма ми е сферата, сметам дека е совршена.
На кои натпревари си учествувал?
- Досега имам учествувано на голем број натпревари, меѓутоа како позначајни би ги издвоил натпреварите на „Електролукс“ за дизајн на апарати за домаќинство, на кој учествував во 2006 година и во наредните две години, потоа натпреварот за дизајн на робот за транспорт на деца во Осака во 2007 година, натпреварите на Пежо за дизајн на автомобил во 2006 и во 2008 година, натпреварот на Мајкрософт за нова генерација на компјутери во 2008 - каде што успеав да стигнам до финалето и натпреварот за нов двокатен автобус во Лондон во 2008. Сепак, посебно ми е драг проектот за портабл-пегла, кој го изработив како студентски проект. Тоа е пегла која може лесно да се спакува како кутија, со цел да зафаќа малку место во нашиот куфер за патување.
Какво е искуството со Мајкрософт?
- Натпреварот што го организираше Мајкрософт е за дизајн на нова генерација компјутери. Целта е да се поттикнат нови идеи, кои би придонеле за развојот на компјутерската индустрија. На натпреварот имаше пријавено над 1.000 идеи од целиот свет, а јас успеав да влезам во 80-те најдобри.
Со која идеја го освоивте жирито?
- Е-топка е производ со дијаметар од 16 сантиметри, а главната идеја беше тоа да биде најмалиот компјутер со најчуден облик. Кога велам најмалиот, не мислам на ПДА-компјутер, кој има релативно ограничени карактеристики, туку мислам на најмал персонален компјутер со карактеристики на лаптоп-компјутер - да има дивиди-рекордер, хард-диск со голем капацитет, доволно РАМ меморија, солидна графичка картичка и голем екран. Идејата за Е-топка произлегува од потребата за напуштање на досегашните „квадратни“ форми.
Дали ќе се реализира оваа идеја?
- Правата за масовно производство ги има Мајкрософт, а авторските права се мои. Тие може да одлучат дали би се произведувал таков компјутер. Иако, постоеја некои преговори за реализација на некои од моите решенија, сепак во овој момент ниедно не е реализирано. Меѓутоа, не е се така црно, бидејќи моите концепти се застапени во голем број книги за дизајн од издавачки куќи од Франција, Белгија, Австрија, Германија, Јапонија, Кореја и од Кина. А моите дизајни може да се погледнат на сајтот www.behance.net/tnokovski.
Компјутер-топка
Зошто дизајниравте компјутер во форма на топка?
Доколку на едногодишно дете му понудиме два предмета - коцка и топка, кои се во иста боја, ќе видиме дека тоа ќе посегне по топката. Затоа се одлучив да направам сериозни отстапки во поглед на функционалноста, но тоа го направив свесно затоа што сакав да го презентирам мојот начин на размислување.


