» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
„Тефтерот“ на „Јаболкото“ предизвика стампеда
20:00 | 05.04.2010 | Автор: Предраг Кукиќ
Над 700. 000 Американци успеале да го купат „ајпед“, помпезно најавуваниот нов производ на „Епл“, во првиот ден од неговата продажба во саботата, проценуваат аналитичарите на пазарот.
Најавен на крајот на јануари, новиот гаџет на „Јаболкото“, предизвика вистинска гунгула во САД, за која некои велат дека, сепак, не била толку голема колку почетокот на продажбата на ајфон во 2007 година. Колку во останатите делови на светот ќе се повтори ваквиот интерес останува да видиме до крајот на месецов, кога почнува продажбата на другите големи пазари - ЕУ, Јапонија, Австралија. Останатите делови од светот, пак, ќе мора да застанат во редот и да чекаат да се сетат на нив во следните месеци.
Загреаните стотици илјади купувачи во САД, кои недели претходно го резервираа својот примерок, во саботата формираа долги редици за „тефтерот“, но мнозина од нив останаа со празни раце. Оние среќните, пак, кои беа решени прво да го купат, а дури потоа да откријат за што се би го користеле, не ги криеја насмевките.
Во 2007 година, со ајфонот купувачите беа сигурни дека тој ќе го замени нивниот дотогашен телефон. Но, со ајпед, кој е нешто меѓу компјутер и умен телефон, Епл мора допрва да ги убедува луѓето што имаат умен телефон, лаптоп, електронски читач на книги или уред за домашна мултимедија, дека им е потребен нов уред кој ќе игра улога на нешто што веќе го имаат.
Ајпедот во основа е многу поголема верзија на ајфонот, минус телефонијата. Со екран со дијагонала од 25 сантиметри, односно 9,7 инчи, е трипати поголем од тој на ајфонот, ајпед внесува нова димензија на сурфањето во движење. Тој, исто така, е многу побрз од ајфонот, а минус за потрошувачите во САД му е само тоа што сега се нуди само со вајфај интернет-конекција. За верзија која ќе има и 3Г конекција ќе мора да почекаат до крајот на месецов. И во двете варијанти ајпедот ќе има по три верзии, со меморија од 16, 31 и 64 гигабајти. Цените сега почнуваат од 499 долари, а најевтината верзија со 3Г ќе биде најмалку 130 долари поскапа.
Не е се блескаво
Екранот осетлив на допир е привлечен начин за сурфање или за одбирање музика за слушање, но, како што открија некои муштерии, тежината на ајпедот од околу 700 грама го прави потешко типкањето како на лаптоп. Прво, мораа да се задоволат со работа со само неколку прсти, што им изгледа многу хендикепирачки, а од друга страна раката што го држи силно се заморува.
На скептиците им пречи и што нема камера и портови за картички и УСБ-стикови. Забелешка наоѓаат и на тоа што не репродуцира содржини во Флеш, што значи дека со него на многу сајтови нема да го добиете доживувањето на кое сте научени. Но, најголемите забелешки се однесуваат на ограничувањето во еден миг да може да работите само на една програма.
Хакерите го совладаа
Не помина ни еден ден од почетокот на продажбата, а заштитениот софтвер на ајфонот веќе беше пробиен. Хакерот MuscleNerd, познат по тоа што беше во тимот што прв го проби ајфонот, во неделата постави видео на интернет на кое покажува како на ајпедот инсталира и употребува своја програма. Тоа ги пукна како меур од сапуница сите надежи на програмерите на Епл дека успеале да го заштитат оперативниот систем (истиот од ајфонот) доволно добро за да ги натераат сопствениците на ајпед да купуваат програми само од нив и од овластените производители.


