Третата димензија доаѓа кај игрите

Повеќе од една деценија, филмаџиите се пробуваат во третата димензија, но сега им дојде ред и на гејмерите

21:00 | 04.03.2010 | Автор: Шпиц

Третата димензија отсекогаш им била предизвик на програмерите кои ги создаваат нашите најомилени игри. Во минатото постоеја неколку обиди да се претстави омилената игра на корисникот во повеќе од две димензии, коишто ги репродуцира мониторот. Не многу одамна на пазарот се појави монитор, кој ја репродуцираше третата димензија, но тој не ги даде резултатите што се очекуваа, а овој уред беше и многу сложен за користење.
Компанијата која ги произведува можеби најдобрите графички картички за компјутери, „Енвидиа“ се потрудила да најде решение и да влезе во третата димензија на игрите. „Енвидиа“ произвела наизглед обични очила, мал преносник на сигнал и посебен монитор со кој според компанијата можете да го доловите вистинското 3Д чувство. Станува збор за таканаречениот 3Д вижн-кит.
Нормално, за сево ова ви се потребни драјвери за графичката картичка, која доаѓа со 3Д вижн-китот и новата графичка картичка со процесор од „Енвидиа“, поточно Џифорс 8 или понов модел. По краткотрајната инсталација на драјверите и на посебниот софтвер ќе се појават две нови опции, преку кој ќе ја нагодите работата на ЗД-опремата и на мониторот. Се што се очекува од вас е да го наместите мониторот на 120 херци и забавата може да почне. Да, добро прочитавте 120 херци. Имено за се да функционира, потребен ви е ЛЦД монитор, кој има можност од освежување на сликата од 120 херци или пак некој ЦРТ монитор со повеќе од 100 херци. Тоа е потребно за да се создаде двојна слика, која со помош на 3Д-очилата ќе се претвори во тридимензионален приказ.
Откако што ќе ја нагодите опремата, на вас останува да ја пуштите омилената игра и се разбира да заиграте во три димензии. На тестирањата, што ги презентира „Енвидиа“, опремата работи поврзана со монитор од Самсунг, а за тест-игра е одбрано второто продолжение на познатата „Фар крај“. Но, за да уживате во третата димензија, мора да ја нагодите графиката на играта на најлош квалитет. Факт е дека со тоа ќе се намали квалитетот на играњето, но тоа беше неизбежно, а тоа е потребно за да се направи и со сите останати игри. Ова дефинитивно е една голема мана на овој производ, но од „Енвидиа“ најавуваат дека во најскоро време ќе ја поправат оваа грешка преку надградување на софтверот.
Доживувањето во 3Д навистина е одлично, а 3Д вижн-китот одлично функционира. Проблем при користењето би било ако носите диоптриски очила. Тогаш постојат две опции, или да набавите леќи, или да се откажете од „Енвидиа“ 3Д вижн.
За крај останува само да ви ја кажеме цената на овој продукт, која, за жал, не е мала. Целата опрема во комбинација со монитор од Самсунг ќе ве чини околу 32.000 денари. Останува на вас да решите дали сте подготвени да ја платите цената за тридимензионално искуство во играњето.