„Википедија“ доби два милиони долари од „Гугл“

12:45 | 22.02.2010 | Автор: МИА
„Викимедија“, фондација која ја покрена онлајн енциклопедијата „Википедија“, соопшти дека добила донација од два милиони долари (околу 1,5 милиони евра) од најголемиот светски Интернет пребарувач „Гугл“.

Парите треба да послужат за финансирање на тековните операции, но и за инвестирање во техничката инфраструктура.
Проценувајќи го својот буџет на 9,4 милиони долари за 2009/2010, „Викимедија“ во ноември минатата година покрена голема кампања за собирање средства кои донесоа осум милиони долари.
„Викимедија“ е непрофитна организација со седиште во Сан Франциско, која вработува 35 луѓе кои мораат да ги задоволат барањата на 364 милиони корисници на Интернет, колку што секој месец ги консултира енциклопедијата „Википедија“.

Донирајќи два милиони долари на таа фондација, „Гугл“ зазеде добро место на листата на најголеми донатори. Сергеј Брин, еден од неговите основачи, изјави дека „Википедија“ е еден од големите триумфи на Интернетот.

- Тоа огромно складиште на информации кое го создава заедницата на корисници на Интернет, претставува извор од непроценлива вредност, рече тој.