Чуповски, Рацин и Вапцаров од академик Ристовски

15:15 | 10.03.2010 | Автор: МИА

Три научни изданија на академик Блаже Ристовски објавени во 2009 година - „Димитрија Чуповски и македонската национална свест“, „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“ и „Никола Вапцаров и македонскиот литературен кружок“ беа промовирани денеска од Институтот за македонска литература во соработка со Македонската академија на науките и уметностите.
Во книгата за Чуповски низ 13 статии е проследен животниот и творечкиот пат на македонскиот публицист, етнограф, картограф, филолог, лексикограф и истражувач на македонската историја и култура, според авторот - најистакнат и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла.
- Во студиите Ристовски користи архивски материјали, документи, публикации... Автобиографијата на Чуповски, со чија презентација ни се дава можноста појасно да го докажеме толку оспоруваното македонско културно и национално постоење - македонскиот идентитет, рече Валентина Миронска, промотор на книгата.
Претставувајќи ја книгата за Рацин, пак, Соња Стојменска-Елзесер рече дека таа ја претставува богатата и уникатна преписка на поетот-револуционер, ги разјаснува Рациновите белешки на маргините на книгите во неговата библиотека, разгатнува прашања од неговата биографија и посебно дава прилог во реконструкција на неговата мистериозна смрт.
Сето тоа, како што рече Стојменска-Елзесер, Ристовски го прави со аргументација на добар историчар и аналитичар на македонската историја. Книгата обединува текстови пишувани во различни периоди, почнувајќи од 1963 година, систематизирани во два дела.
Книгата за Вапцаров е посветена на еден век од неговото раѓање и 70 години од неговото застанување на чело на Македонскиот литературен кружок. Изданието го промовираше Илија Велев, кој истакна дека обемниот труд од речиси 600 страници нема цел да биде класична монографија за творечкиот профил на Вапцаров. Публикацијата содржи 32 научно-истражувачки студии и прилози кои Ристовски ги пишувал во временски период од 45 години.
Академик Ристовски работи на тритомно издание за Петар Драганов. Првиот том е готов, а до крајот на годинава се очекува и вториот. Трудот се подготвува по повод 150 години од раѓањето на рускиот македонист.
- Покрај овие книги, во минатогодишната моја продукција ја вбројувам и појавата на првата национална енциклопедија, како конвергенција на колективниот научен ум и историски триумф на една македонска интелектуална генерација, рече академик Блаже Ристовски на промоцијата во МАНУ.
Академик Ристовски (1931) е член на МАНУ 22 години. Ја истражува националната и културната, пред се книжевната историја на македонскиот народ во 19. и 20 век. Автор е на над 900 стручни и научни трудови објавени во Македонија и во странство.