» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Груевски ќе го втемели и Светиклиментовиот универзитет
Во научно-културниот центар составен од 14 објекти ќе бидат сместени повеќе институции обединети во еден комплекс, за кој ќе бидат потрошени 18 милиони евра.
По три години подготовки, археолошки истражувања, испитувања, реставрации и конзервации утре на локалитетот Плаошник во Охрид ќе биде поставен камен-темелникот за изградбата на Светиклиментовиот универзитет, најави првиот човек на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман. На свеченоста која се одржува токму на прославата на Денот на независноста на Македонија ќе чиноначалствува поглаварот на Македонската православна црква, господин Стефан, а ќе присуствува и високиот владин врв на чело со премиерот Груевски.
Ова ќе биде научно-културен центар составен од 14 објекти во кои ќе бидат сместени повеќе културни и научни институции обединети во еден комплекс, за кој ќе бидат потрошени 18 милиони евра. Во рамките на универзитетот ќе има редовна конзерваторска школа, со професори од признати светски универзитети, музеј во кој ќе бидат презентирани богатите наоди од самиот археолошки локалитет, како и библиотека и галерија со икони. Во комплексот ќе биде и Македонскиот институт за хуманистички науки, Богословскиот факултет како дел од образовната програма, посебен монашки простор наменет за свештени лица, како и Светиклиментова градина како место за одмор и креативна инспирација.
Кузман вели дека 14-те објекти во рамките на универзитетот е планирано да бидат изградени до крајот на 2012, а до 2014 година комплетно да биде завршен целиот комплекс.
Охридските советници во петокот на посебна седница изгласаа согласност за отстапување на корисничкото право врз земјиште на локација во стариот дел на градот, отстапувајќи го правото за стопанисување со земјиштето кај Плаошник на Министерството за култура.
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, забележа дека државните пари се трошат без план, но истакна дека локалната власт не само што ќе ја поддржи секоја инвестиција во градот во врска со Плаошник, туку и активно ќе помогне за нејзина реализација.


