» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Ајнур и „Баклава“ го отвораат Оф-фест 2010
08:30 | 01.06.2010 | Автор: МИА
Ајнур Доган турската пеачка со курдско потекло и домашниот етно-состав Баклава, вечер во Македонската опера и балет ќе го отворат деветтиот Оф-фест. Годинашното издание на фестивалот од 1 до 5 јуни ќе понуди вкупно седум концерти во четирите фестивалски денови.Ајнур важи за една од најпознатите турски етно-вокали со светско реноме, а меѓу публиката е позната и по музиката за филмовите на режисерот Фатих Акин. Оваа млада и талентирана уметница ја издвојуваат карактеристичните импровизации при изведувањето турски и курдски фолк песни. Пеејќи го речиси целиот свој материјал на курдски јазик, своевремено забранет за јавна употреба, таа се смета за олицетворение на новиот дух на самоувереност и слободоумност што ја освојува Турција денес. Настапот на Оф-фест е во рамки на промотивните концерти на Ајнур. Таа во својата прва средба со скопската публика ќе го презентира и новиот албум насловен „Rewend“, издаден во април, годинава.За Баклава, пак, ова ќе биде прв настап на Оф-фест. Ансамблот кој е формиран во 2005 година, го карактеризира минималистички музички концепт: звукот го градат само еден женски вокал и два жичани и удирачки народни инструменти - тамбура и деф, а со музицирањето ја слават совршеноста на едноставноста. Освен преработките на композиции од македонскиот мелос, за свој клучен предизвик го сметаат создавањето авторска музика во жив дијалог со естетиката на македонската фолклорна традиција.Втората вечер е настапот на албанската група „Ансамбл Тирана“ меѓународно позната по своето вокално полифониско пеење, како и концертот на Гркинката Савина Јанату и Примавера енд Салонико чија музика ги обединува етно-влијанијата на медутеранот со џез импровизации. Инаку, настапот на Јанат, според организаторите, е прв настап на грчки уметник во Македонија во изминатите 15 години. Фламенго - спектаклот - специјалниот проект на култниот шпански композитор и фламенко - гитарист Герардо Нуњез со танчерката Кармен Кортез е резервиран за третата фестивалска вечер.За крај на деветото издание уште еден проект, во придружба на Македонскиот филхармониски оркестар ќе настапи Родриго Леао, култниот португалски композитор и изведувач и неговиот Синема ансамбл. Познат како португалскиот Брајан Ино, Леао е основач на кај нас познатите „Мадредеуш“, со кои ги сними првите пет албуми, а потоа продолжи со успешна соло-кариера. Вечерта ќе ја заокружи Гангбе Брас Бендот од Африка со настап пред платото на Музејот на Македонија, кој е поддржан и од манифестацијата „РеОткривање на патеките на културата“ во Старата скопска чаршија.Според Оливер Белопета, концептот на годинешнава програма ќе понуди квалитет по што е препознатлив и си стекна реноме и самиот фестивал, како придружна манифестација на Скопскиот џез фестивал, нудејќи увид во тековите на т.н. светска музика (world music).Деветтата година ОФ-фест ја дочекува како членка на Европскиот форум на светски фестивали (European Forum of Worldwide mMusic Festivals), кој функционира под покровителство на ЕУ. Новина годинава е што сите фестивалски вечери ќе се одржат во Македонската опера и балет. Тој простор, вели меѓу другото Белопета, нуди поинтимно доживување на музиката, преку подобар контакт со публиката и подобри услови за изведувачите.
Фестивалот е помогнат од Министерството за култура, Градот Скопје, Амбасадата на Шпанија и повеќе компании.


