» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
„Исток, запад, исток“ пред тужба
Бидејќи филмот се уште се претставува само како албанско-италијанско остварување, нашиот следен чекор ќе биде опомена пред тужба, а планираме и да го стопираме неговото емитување - рече македонски копродуцент Ирман Фетаи
21:00 | 08.03.2010 | Автор: Шпиц
Откако албанскиот филм „Исток, запад, исток“ на Ѓерѓ Џувани во кој Македонија беше копродуцент, на Интернационалниот фестивал во Софија беше претставен како албанско-италијанско остварување, македонскиот продуцент Ирман Фетаи најави дека ќе го стопира емитувањето на филмот. Тој рече дека по ова размислуваат и за тужба до албанската куќа „Албаниан џенерал вижн“.
- Бидејќи се уште филмот „Исток, запад, исток“ се претставува само како албанско-италијанско остварување, нашиот следен чекор ќе биде опомена пред тужба. Не може филмот да продолжи да се прикажува на овој начин, па дури и ќе го стопираме емитувањето на „Исток, запад, исток“ - рече Ирман Фетаи, македонски копродуцент во филмот.
За овој филм, македонскиот Филмски фонд одвои 200.000 евра.
Директорот на фондот Дарко Башевски рече дека во ваква ситуација им преостанува само да поведат санкции кон нашите продуценти.
- Се договоривме да се сретнеме со македонскиот продуцент и да направиме стратегија за следните чекори што ќе ги преземеме - рече Башевски.
Тој нагласи дека обврските на продуцентите не се исполнети и во поглед на проекциите кои треба да ги има филмот во Македонија. „Исток, запад, исток“ кај нас досега беше прикажан само еднаш, на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.
По реакциите од македонска страна на фестивалот во Солун, албанската продуцентска куќа „Албаниан џенерал вижн“ која го снимаше филмот, на своите македонски партнери од „С.М.А.Р.Т филм продакшн“ им кажала дека тоа што Македонија не е наведена како копродуцент е техничка грешка и дека ќе го променат тоа.
Филмот „Исток, запад, исток“ со оваа грешка беше прикажан и на „Браќа Манаки“, пропустот се повтори и на приштинскиот „При филм фест“, а и на филмскиот фестивал во Солун.


