» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
„Мајки“ на Манчевски премиерно во Торонто
Четвртиот филм на нашиот режисер, светската премиера ќе ја доживее на 13 септември, на петтиот ден на еден од најголемите филмски фестивали во светот од А категорија.
10:00 | 19.08.2010 | Автор: Шпиц
Филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски, кој со работен наслов „Како бебе“ се снимаше лани во Скопје, Мариово, Кичево, Тетово и во Гостивар, светската премиера ќе ја доживее на 13 септември на Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, еден од најголемите во светот од А категорија.
Филмот се најде во престижната програма „Специјални презентации“ на јубилејното 35-то издание кое се одржува од 9 до 19 септември, откако за делото на Манчевски лично се заинтересирал директорот на фестивалот, легендарниот Пирс Хендлинг, кој го гледал филмот и го ставил во програмата.
Според Хендлинг, „Мајки“ е еден од најдобрите филмови што ги видел во последните години, како поради храбрата, експериментална синематска структура, така и поради содржината. Тој е автор и на текстот за „Мајки“ во каталогот на фестивалот, а и лично ќе го претстави филмот пред светската премиера во Торонто.
- Филмот содржи три дела, првиот се девојчињата, вториот актерите и третиот дел е документарен. Емилија Стојковска и Милијана Богдановска се двете девојчиња кои ги толкуваат главните улоги во првиот дел, за кој бев задолжена и јас. Станува збор за посебно талентирани девојчиња кои ги избравме при селекцијата за главните ликови низ централните градски училишта - изјави Маја Младеновска, кастинг директор.
Дел од актерите се повторуваат и од претходните филмови на Манчевски. Главните улоги ги толкуваат Ана Стојановска, Димитар Ѓорѓиевски, Владимир Јачев, Ратка Радмановиќ, Салаетин Билал, Диме Илиев и други.
„Мајки“, четвртиот филм на Манчевски, е македонско-француско-унгарска копродукција, а монтажата е завршена летово во постпродукциските студија во Париз, Лондон и во Минхен. Филмот се разликува од останатите три по тоа што користи експериментална филмска структура, во која играниот филм се претвора во документарен.
Мото на филмот е „Вистина, само вистина и скоро ништо освен вистина“.
Во „Мајки“ се испреплетуваат приказните за едно општество на небрежни, отсутни мајки, во кое децата беснеат со кредитни картички и набедуваат невини луѓе, каде што старите луѓе умираат сами и заборавени и каде пензионирани чистачки се жртви на сериски силувања и убивања. Филмот е рефлексија на мрачниот свет на Достоевски.
На светската премиера во Торонто ќе присуствува режисерот Милчо Манчевски, како и некои од актерите при што предност ќе имаат помладите актери.


