» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Македонските Јованче и Марика патуваат кон Шведска
Филмот на Цветановски премиерно беше прикажан на фестивалот „Анима мунди“ во минатиот месец во Рио де Жанеиро, Бразил.
Анимираниот филм „Вистинска приказна за Хансел и Гретел“, во режија на Гоце Цветановски, влезе во официјална селекција на 15-то издание на Интернационалниот фестивал за фантастичен филм во Лунд, Шведска, кој ќе се одржува од 23 септември до 2 октомври, соопшти Филмскиот фонд на Македонија.
Фестивалот за фантастичен филм во Лунд членува во Европската федерација за фантастични филмови и ја доделува престижната награда „Силвер Мелиес“. Со нејзиното освојување се влегува во трка за најдобар европски фантастичен краток филм, кој се избира меѓу победниците на сите фестивали-членови на федерацијата.
Филмот светска премиера имаше на 18-от интернационален фестивал за анимиран филм „Анима мунди“ во минатиот месец во Рио де Жанеиро, Бразил, во програмата „Панорама“.
Режисерот Цветановски е автор и на сценариото и продуцент на филмот кој е инспириран од приказната за Јованче и Марика, но тргнува од идејата дека децата не успеале да се спасат од вештерката, туку таа ги претвора во монструозни суштества. Марика е трагикомична комбинација на човек и ларва, која секој ден раѓа детски фетуси, а Јованче е лушпа од човек, чија единствена смисла на животот е да ја оплодува Марика. Вештерката успева да направи фарма за деца. Со помош на магична напивка, бебињата забрзано растат и потоа завршуваат во нејзиниот казан. Но, еден ден, едно дете ќе се обиде да избега и преку неговото бегство се запознаваме со грозоморниот свет на вештерката.
На филмот работеше интернационална екипа од повеќе аниматори, инженери на звук, илустратори и графички дизајнери. Ликот на Вештерката го оживува актерката Камка Тоциновски, Дамјан Цветановски е Детето, а Јасмина Василева е Ларвата.
Проектот во продукција на „Македонска крепост“ е поддржан од Филмскиот фонд на Македонија во програмата за финансирање филмски проекти од национален интерес и од Министерството за култура.
Дистрибутер е „Монстер дистрибјутс“ од Ирска. Претпремиерата се одржа лани во октомври, во Кинотеката на Македонија.


