Настап на пијанистката Елена Мисиркова во Брисел

12:30 | 23.02.2010 | Автор: МИА

Пијанистката Елена Мисиркова-Лоза, амбасадор на македонската култура во Австрија, на 4 март ќе настапи на манифестацијата „Галилео апликациски денови“ во Брисел, на пијано „безендорфер“ 280 гранд.
Мисиркова ќе одржи концерт со дела на Властимир Николовски, Вернер Пирхнер и од Фредерик Шопен. Настапот е втор во низата „Галилео“ концерти на Мисиркова. Првиот, многу успешен концерт таа го одржа минатата година во Австриската академија на науките. Од Европската агенција за контрола на сателитска навигација тој беше оценет како значаен чекор за научно, културно и политичко приближување на Сателитско навигациската програма „Галилео“, најголемиот информатичко-технолошки проект на ЕУ, до граѓаните на сите земји во Европа.
Покровител на концертот е еврокомесарот од Австрија Јоханес Хан. Поддржан е од Министерството за култура на Македонија и од Министерството за надворешни работи на Австрија.

„Галилео апликациските денови“ ќе бидат одржани од 3-ти до 5 март пред Конференцискиот центар „Карло Велики“ во Брисел, во организација на германскиот космички центар од Оберфафенхофен и Европската агенција за контрола на сателитска навигација, со поддршка на Европската комисија и Европската вселенска агенција.

Ќе бидат демонстрирани пронајдоци, откриени и развиени во рамки на Седмата истражувачка програма на ЕУ, иновации наградени на Европскиот сателитско-навигациски натпревар и експонати од Технолошката трансфер програма на Европската вселенска агенција.

Тагови (карактеристични поими за веста):
Брисел | настап | Елена Мисиркова |