» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
"Оф-фест 2010" - седум концерти во четири фестивалски денови
15:00 | 26.05.2010 | Автор: МИА
Годинашното деветто издание на „Оф-фест“ фестивалот од 1 до 5 јуни ќе понуди седум концерти во четирите фестивалски денови.Според Оливер Белопета, концептот на годинешнава програма ќе понуди квалитет по што е препознатлив и си стекна реноме и самиот фестивал, како придружна манифестација на Скопскиот џез фестивал, нудејќи увид во тековите на т.н. светска музика (world music).- Можеби сите имиња не се доволно познати за нашата јавност, но ние ја знаеме нивната вредност во светот и сепак опстојуваме на тоа да го донесеме најдобриот звук од етикетата на „светската музика“ од повеќе меридијани, рече Белопета. Тој го подвлече и задоволството што деветата година ОФ-фест ја дочекува како членка на Европскиот форум на светски фестивали (European Forum of Worldwide mMusic Festivals), кој функционира под покровителство на ЕУ.Фестивалот ќе го отворат домашниот етно-состав Баклава, кои прв пат настапуваат на Оф-фест и Ајнур турската пеачка со курдско потекло која важи за една од најпознатите турски етно-вокали со светско реноме. Меѓу публиката е позната и по музиката за филмовите на режисерот Фатих Акин. Втората вечер е настапот на албанската група „Ансамбл Тирана“ меѓународно позната по своето вокално полифониско пеење, како и концертот на гркинката Савина Јанату и Примавера енд Салонико чија музика ги обединува етно-влијанијата на медутеранот со џез импровизации. Фламенго - спектаклот - специјалниот проект на култниот шпански композитор и фламенко - гитарист Герардо Нуњез со танчерката Кармен Кортез е резервиран за третата фестивалска вечер.За крај на деветото издание уште еден проект, во придружба на Македонскиот филхармониски оркестар ќе настапи Родриго Леао, култниот португалски композитор и изведувач и неговиот Синема ансамбл. Познат како португалскиот Брајан Ино, Леао е основач на кај нас познатите „Мадредеуш“, со кои ги сними првите пет албуми, а потоа продолжи со успешна соло-кариера. Вечерта ќе ја заокружи Гангбе Брас Бендот од Африка со настап пред платото на Музејот на Македонија, која е поддржана и од манифестацијата „Откривање на патеките на културата“ во Старата скопска чаршија. Новина годинава е што сите фестивалски вечери ќе се одржат во Македонската опера и балет. Тој простор, вели меѓу другото Белопета, нуди поинтимно доживување на музиката, преку подобар контакт со публиката и подобри услови за изведувачите.Фестивалот е помогнат од Министерството за култура, Градот Скопје, Амбасадата на Шпанија и повеќе компании.


