» Најкоментирани од последната недела:
Оскаровската трка со зелен протокол
Ѕвездите годинава, наместо да се вратат на своите места откако ќе го примат Оскарот, ќе се опуштаат во зелената соба на театарот „Кодак“ инспирирана од холивудската златна доба
21:00 | 05.03.2010 | Автор: Шпиц
Во Холивуд се е подредено на големата утрешна церемонија на доделување на Оскарите, на која, за да се привлече повеќе публика, Академијата подготви неколку измени. Така бројот на номинации за најдобар филм порасна на десет, презентерите се двајца (Алек Болдвин и Стив Мартин), а меѓу гостите се најавени и младите лица Мајли Сајрус и Зак Ефрон.
Според прогнозите, филмовите на поранешните сопружници Џејмс Камерон и Кетрин Бигалоу, „Аватар“ и „Наредникот Џејмс“ се најголемите претенденти за награди, но според критиката она што би бил идеален оскаровски кандидат е комбинација од двата. Иако „Аватар“ ги освои кинофановите, не наиде на одобрување од критиката, а „Наредникот Џејмс“, и покрај критичките пофалби, веројатно е најнепрофитабилниот кандидат за Оскар во поновата историја.
На церемонијата, покрај сите гламурозни настапи и изјави на благодарност, еден од моментите кој секоја година предизвикува најмногу емоции е сегментот „Ин мемориам“. Тој е воедно и најтешкиот дел за продуцирање, бидејќи секоја година умираат многу повеќе славни личности од оние 30-тина што може да се вметнат во сегментот. Меѓу нив годинава, сепак, најверојатно ќе се најдат Патрик Свејзи и Британи Марфи.
Промени на годинашните Оскари ќе се случат и во протоколот на доделување награди. Така, ѕвездите, наместо да се вратат на своите места откако ќе го примат Оскарот, ќе можат да се опуштат во зелената соба во бекстејџот на театарот „Кодак“, каде што со пијалак на големите екрани може да го гледаат шоуто, а на бројните огледала својот одраз.
Зелената соба е инспирирана од холивудската златна доба. Црниот лакиран мебел е порабен во нијансите на крем и бела боја, додека на масите има орхидеи и големи кристали. Отворениот градинарски простор е поврзан со зелената соба и е наменет за „селебрити“ пушачи. Големите огледала, освен што даваат светлина и одраз внатре во собата, ќе им овозможат на ѕвездите да ја видат сцената од секој агол. Над зелената соба се наоѓа и масата за шминкање, а костимите од филмовите кандидати за Оскар се изложени во зградата „Макс фактор“. Тука се најде воената униформа од „Наредникот Џејмс“, фустанот на Сандра Булок од „Слепа страна“, а на дисплеј е прикажан и костимот на Мерил Стрип од „Џули и Џулија“.


