» Најкоментирани од последната недела:
Плакета во чест на Фредерик Шопен
По повод 200-годишнината од раѓањето на славниот полски композитор Фредерик Шопен, Општина Кисела Вода и Амбасадата на Република Полска во Македонија денеска на улицата „Фредерик Шопен“ свечено поставија плакета на големиот композитор, на која се напишани зборовите на полскиот поет Ципријан Камил Норвид - „Варшавјанин по род, по срце Полјак и граѓанин на светот по талент“.
Амбасадорот на Полска во Македонија Карол Бакура во своето обраќање истакна дека 2010 година е посветена на Шопен, меѓу најзначајните композитори од епохата на романтизмот, чија музика, како што рече, продира во сечие срце.
- Со поставувањето на оваа плакета на улицата „Фредерик Шопен“ во Скопје, Македонија се приклучува кон земјите кои низ целиот свет ја одбележуваат Шопеновата година. Овој поет на пијаното воедно претставува лик кој поврзува народи и поколенија. Шопен се вбројува во списокот на сите големи историски личности кои ги поврзуваат, а не ги делат народите, рече Бакура.
Градоначалникот на Кисела Вода Марјан Ѓорчев истакна дека општината има ретка чест да одбележува двесте години од раѓањето на Шопен. - Фредерик Шопен, кој успеа да ги вметне полонезите и мазурките во романтизмот и да и даде печат на класичната национална полска музика.
Во чест на славниот композитор, Општина Кисела Вода и Полската амбасада во Македонија, ќе ја продолжат соработката и со поставување на биста на Фредерик Шопен и хортикултурно уредување на еден парк во општината.
Фредерик Шопен е син на Полјачка и француски емигрант. Роден е на 1 март 1810 во Желазова Вола и се смета за еден од најголемите композитори за пијано на сите времиња. Ја напуштил Полска на 20 години и во Париз создал кариера како изведувач, учител и композитор. Бил во врска со француската писателка Жорж Санд. Се разболел од туберкулоза и починал во 1849 на 39 години.
Сите Шопенови дела се за пијано. Иако неговата музика се смета за мошне тешка за свирење, неговиот стил дава нагласок на нијанси и експресивна длабочина, а не само на техничка виртуозност.


