» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
По 30 милиони за филмовите на Изи и на Митриќески
Фондот до крајот на месецов ќе ги потпише преддоговорите со кои на продукциите ќе им додели 5 отсто од парите, по што тие ќе бидат обврзани во рок од една година да најдат копродуценти и да го затворат буџетот, најави директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башевски
21:00 | 12.03.2010 | Автор: Александра Радевска
Долгометражните „Соба со пијано“ на Игор Иванов-Изи, „Децата на зимското сонце“ на Антонио Митриќески, „Враќање“ на Кастриот Абдили, „Бучно“ на Анета Лешникова и „Мал бог на љубовта“ на Жељко Сошиќ, се филмовите кои од 24 апликанти во септемврискиот конкурс добија поддршка од Филмскиот фонд. Филмовите на Иванов и на Митриќески ќе добијат по 30 милиони, а останатите три по 12 милиони денари. Од краткометражните поддржани со по 900.000 денари се „Девојчето со кибритчињата“ на Филип Матевски и „Жарче“ на Томислав Алексовски, а „Пари“ на Дарко Балев доби 600.000 денари.
Минимумот од 12 милиони денари го доби и првиот анимиран долгометражен филм „Оазата“ на Борис Дамовски, а Фондот ќе го поддржи и анимираниот „Ego death“ на Иван Ивановски, чиј краток филм „Внатре“ имаше богат фестивалски живот.
Поддршката на фондот ја добија и четири документарни филма, и тоа „Сеништа“ на Скендер Рауфи, „Алхемија на звукот“ на Сузана Диневски, „Macedonia mon amour“ на Инго Лангер и „Десидент“ на Петар Џуновски.
Буџетот годинава изнесува 110 милиони денари, а Фондот во мај ќе има уште еден конкурс, на кој ќе се доделуваат пари за малцинската програма.
- Фондот до крајот на месецов ќе ги потпише преддоговорите со кои на продуцентите ќе им додели 5 отсто од парите, по што тие ќе бидат обврзани во рок од една година да најдат копродуценти и да го затворат буџетот - најави директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башевски.
Минималниот едногодишен рок може да се продолжи за половина до една година ако филмаџиите достават информација дека чекаат резултат од странските копродуценти. Ако нема напредок, како што посочи директорот Башевски, договорот ќе се раскине.
- Ние ќе им помагаме на продуцентите, ќе ги насочуваме, бидејќи никому не му е во интерес да се доаѓа во ситуации кога поддржани филмови ќе се чекаат повеќе од три години - посочи Башевски.
За да нема застој во работата, Фондот предвидува два начини на контрола. Секој продуцент кога го затвора буџетот пред бордот потврдува дека има најдено копродуценти, а вториот механизам е копија, која потврдува дека на шпицата е наведена Македонија како копродуцент. Ова како што посочи Башевски, е за да се случи сличен проблем како со филмот „Исток запад исток“, кој прошета на фестивалите низ регионов како албанско-италијанска копродукција, а ние не се најдовме на шпицата.


