Почнуваат 49-те Струшки вечери на поезијата

Најавено е учество на шеесетина поети од сите континенти и педесетина домашни автори, меѓу кои половината ќе бидат млади, а ќе се привлекуваат со нови содржини збогатени со музика.

10:00 | 19.08.2010 | Автор: Шпиц

Со поетската манифестација „Меридијани“, денеска во Струга ќе почнат 49-те Струшки вечери на поезијата, на кои годинашен лауреат е Љубомир Левчев, прв поет од Бугарија, кој во речиси полувековната историја на фестивалот е овенчан со Златен венец.
Седумдесет и петгодишниот Левчев е автор на 50 поетски книги на бугарски јазик, објавени од 1957 до 2007 година во Бугарија и на 70 одделени книги во 34 земји во светот. Носител е на 17 национални и меѓународни награди за поезија речиси на сите континенти. Меѓународната поетска афирмација на Левчев почнала токму во Македонија - неговата песна „Затворениците слушаат музика“ во превод на Гане Тодоровски е објавена во тогашниот влијателен книжевен весник „Разгледи“.
Организаторите на СВП најавија учество на шеесетина поети од сите континенти и педесетина домашни автори, меѓу кои половината ќе бидат млади. Фестивалот ќе се осовремени со нови содржини - мешање на жанровите поезија, музика и сликарство и настап на музичари од Израел, Шпанија, Италија, Србија... кои ќе изведуваат поезија. Фонтаната кај хотелот „Дрим“ во Струга ќе биде отворена сцена за постојани поетски перформанси. Ќе бидат одбележани и 200 години од раѓањето на браќата Димитар и Константин Миладинови, а ќе се одржи и беседа по повод смртта на тројца поети, меѓу кои и на академик Гане Тодороски, основач на СВП.
Фестивалот ги има стандардните содржини - поетските читања „Мостови“ и „Меридијани“, портрет на лауреатот Левчев во црквата „Св. Софија“ во Охрид, средбата на млади поети на „Ноќи без интерпункција“, Вечер на национална поезија, која годинава е посветена на азербејџанската, излет на учесниците во комплексот „Свети Наум“ и посета на други градови по затворањето на СВП на 22 август. Темата на симпозиумот, кој традиционално се одржува секоја година, овојпат е „Поезијата и мас медиумите“. Подготвени се околу 20 фестивалски изданија, од кои 11 се преводи на македонска поезија на англиски јазик и изданијата од традиционалната едиција „Плејади“.
Ќе биде претставен и естонскиот поет Сиим Кера, добитник на наградата на УНЕСКО и СВП за дебитантска книга. Наградата „Браќа Миладиновци“, пак, која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу две фестивалски изданија, годинава му припадна на Владимир Мартиновски за стихозбирката „Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање“.