Премиерна изведба на кабаре-претставата „Лили“

13:15 | 23.02.2010 | Автор: МИА

Група независни млади актерки утревечер во ноќниот клуб „Џубокс“ премиерно ќе ја изведат кабаре-претставата „Лили“ во режија на Софија Ристевска, по текстови на кубанскиот автор Педро Хуан Гутиерес, а во копродукција со Јовица Михајловски.

Во претставата, која трае околу еден час, играат актерките Маја Љутков, Соња Стамболџиоска, Славица Манаскова и Емра Куртишова. Костимите се од Мери Георгиевска, а кореографијата е на Кире Миладиноски.

- Претставата е исклучително интересна, бидејќи во најголемиот дел од неа се зборува за сексуалниот момент, односно пред се сексуалниот дел од животот на жената, но и на мажот. Лили е сексуалното јадро во секоја жена, односно она најличното. Говориме за нашите интимни преживувања, како и за глобализацијата која сите не прегази, бидејќи луѓето веќе не се личности, туку само „бројки“, рече на денешната прес - конференција режисерката Ристевска и додаде дека всушност се работи за едночасовен „контакт“ со публиката.
Претставата, покрај утрешната премиера, ќе биде изведена и на 28 февруари и 1 март. Репризите ќе се одиграат на 2, 3 и 4 март, а карти по цена од 250 денари може да се набават на телефонскиот број 070/80 28 66. Местата се ограничени, односно на претставите може да присуствуваат околу 20-тина луѓе.
Поради експлицитните гестикулации и јазик, организаторите не ја препорачуваат претставата за лица под 16 години.

Тагови (карактеристични поими за веста):
премиера | Скопје |